Мијалков: Иванов да ги повлече одлуките кои се однесуваат на мене

 

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, се огласи по донесената одлука на претседателот Ѓорѓе Иванов за општ прекин на сите постапки против политичари и нивни соработници поврзани со прислушувањето и политичката криза. Тој ексклузивно за Пресс24 изјавува дека е убеден во добрата намера на Претседателот Иванов, но го повикува да ги повлече одлуките за прекин на постапките кои се однесуваат на него.

- Знам дека сум работел чесно и совесно во интерес на безбедноста на граѓаните и на мојата земја. Постапките кои СЈО ги покрена или има намера да ги покрене против мене, немаат никаква правна основа и единствено се базираат на политички нарачан прогон спротивен на Уставот и законите, вели Мијалков.

Поранешниот директор на УБК додава дека не сторил ништо незаконско и затоа смета дека со одлуката на Претседателот граѓаните нема да имаат можност до крај да се уверат во сценариото кое беше подготвувано со единствена цел да бидат политички оцрнети влијателни личности од ВМРО ДПМНЕ.

- Убеден сум дека Претседателот Иванов имал најдобри намери, но во мое лично име го повикувам да ги повлече одлуките за прекин на постапките кои се однесуваат на мене, бара Мијалков.

За потсетување, Претседателот Иванов и покрај барањата и протестите да се укине оваа одлука, изјави дека ја донел за да стави крај на кризата која предолго трае во Македонија и за сите партии да бидат како што вели, растеретени пред изборите. Тој вчера истакна дека нема намера да ја повлече донесената одлука.

 
 
16.04.2016 - 14:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега