Коѕиас имал средба со медијаторот Нимиц

 

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас вчера во Луксембург имал куса средба со медијаторот Метју Нимиц, соопшти грчкото МНР.

Коѕиас го информирал Нимиц за размислувањата на грчката Влада и за напредокот што е постигнат во областа на мерките за градење доверба.

Според грчкото МНР, Нимиц го информирал Коѕиас за неговите активности и разговорите што тој ги има во контекст на неговиот мандат.

Посредникот на ОН во спорот меѓу Атина и Скопје за името на Македонија Метју Нимиц, неодамна во интервју за телевизијата СКАИ, рече дека очекува по изборите во јуни повторно да се создадат услови за решавање на прашањето за името.

- Кога ќе биде формирана нова влада, верувам дека Атина и Скопје ќе се сретнат со мене и ќе вложиме сериозен напор за решавање на овој проблем, вели Нимиц.

Тој истакна дека миграциската криза го прави уште позначаен моментот за решавање на проблемот, дополнувајќи дека доколку тој беше решен досега двете земји ќе беа партнери во ЕУ и НАТО, а бегалскиот проблем ќе беше надминат поефикасно.

Нимиц искажа и разочараност што имало „празнина“ во решавањето на овој проблем, како и за, како што наведе, повремените груби изјави од двете страни. Сепак, според медијаторот, во последно време тоа е надминато, контактите меѓу претставниците од двете страни се обновени и пронајден е вистинскиот тон за да биде рестартиран преговарачкиот процес.

 
 
18.04.2016 - 10:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега