Високите температури го зголемија бројот на пациенти во Штип
Зголемен е бројот на пациенти на Одделението за Неврологија во штипската Клиничка болница. Лекарите велат дека причина е топлото време во април, а за само 12 часа во текот на викендот регистрирале осум пациенти од источниот регион со доживеани мозочни удари. Елена Личкова специјалист невролог од Одделението за неврологија во Клиничка болница-Штип вели дека поради температурните варијации за само еден месец евидентирани се 28 исхемични мозочни удари.
- Во текот на изминатиот викенд имавме зголемена работа, заради тоа што го покриваме целиот источен регион со исклучок на територијата на Струмица со нејзината околина. Имавме зголемен обем на работа во смисла на зголемена фреквенција на пациенти и зголемен број на пациенти пред се со исхемичен мозочен удар, вели Личкова.
Таа додава дека високите температури кои не се типични за овој период од годината говорат дека во текот на месецов 1.000 пациенти од истокот побарале медицинска помош во амбулантите на регионалното Одделение за неврологија, а во споредба со минатиот месец, бројот на пациенти е зголемен за 200. Лекарите апелираат во наредниот период кога се очекува и пораст на температурата над 30. степен да се носи соодветна гардероба, а хронично болните редовно да ја користат терапијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа