Пејковски побара од Иванов да ја повлече одлуката за негова аболиција
Директорот на затворот во Идризово, Живко Пејковски бара од Претседателот Ѓорѓе Иванов да ја повлече одлуката за аболиција која се однесува за него.
Тој веќе и официјално го испратил своето барање до кабинетот на Претседателот во кое бара одлуката за ослободување од гонење без спроведување на постапка за него да не важи бидејќи како што вели, никогаш нема направено ниту едно кривично дело.
-Согласно Вашето укажување врзано со донесените одлуки за аболиција, кое Вие јавно го искажавте и посочивте како правна можност да сите оние кои не сакаат нивното име да биде на листата на оние кои се аболицирани, со целата моја почит кон Вашите одлуки и мотивите да ги донесете истите во најголем интерес на Р.Македонија, Ве известувам и воедно барам од Вас да ја отповиката одлуката бр. 08-511/1 објавена во Службен весник за мене Живко Пејковски со која јас сум аболициран, бидејќи како чесен човек и директор на Управата Затвор Идризово, тврдам дека никогаш немам направено ниту едно кривично дело и со поништување на оваа одлука, барам постапката против мене да продолжи и својата невиност да ја докажам низ една законита постапка, вели Пејковски во писмото до Претседателот Иванов.
Претходно и Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, како и екс директорот на ДБК, Сашо Мијалков испратија официјални барања до Претседателот Иванов да ги поништи одлуките кои се однесуваат на нив.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа