Јагланд: Партиите да го почитуваат договорот од Пржино
Генералниот секретар на Советот на Европа Торбјорн Јагланд, одговарајќи на парламентарни прашања, ги повика сите партии од Република Македонија да го почитуваат договорот од Пржино и со тоа да се одржат избори, на кои ќе можат да земат учество сите, пренесува дописникот на МИА од Стразбур.
Реакцијата на Јагланд, дојде по прашањето на францускиот пратеник Пјер Ив Ле Боргн, портпарол на социјалистичката група при Паралементарното Собрание на Советот на Европа, кој се осврна на ситуацијата во Македонија предизвикана по амнестијата донесена од страна на претседателот Ѓорге Иванов.
- Јас сум шокиран од амнестијата дадена минатата недела од македонскиот претседател Иванов на повеќе од 50 лица вмешани во тешкиот скандал со телефонски прислушувања, за кои беше назначен специјален обвинител, рече Боргн.
Според него „оваа одлука широко не ги почитува договрите од јули 2015 и претставува закана за изборите од 5 јуни и го прави несигурен евро-атлантскиот пат на Македонија.
Генералниот секретар на Советот на Европа одговори дека бил изненаден кога прочитал дека претседателот на Република Македонија, донесе таква одлука.
- Ние следиме одблиску што се случува на теренот. Од тоа што ние разбираме, постигнат е договор за спроведување на истраги за различни афери, и дека треба да бидат органиизрани избори, рече Јагланд.
Но, според него многу нешта се изменија, повикувајќи ги сите партии да го почитуваат договорот и да се одржат избори.
- Ми се чини дека многу работи се променија. Останува фактот и апелирам до сите партии да се придржуваат кон одредбите од договорот, така што изборите да бидат ефикасно организирани и секој да може да учествува, заврши Јагланд.
За ситуацијата во Македонија ќе се расправа и зад затворени врати од страна на Комисијата на ПССЕ за следење на обврските на земјите членки на Советот на Европа, во рамките на пост-монитроинг дијалогот, но во остсутво на македонските парламентарци кои не присуствуваат на пролетната сесија
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа