Изборите на 5 јуни се завршена работа
Со или без опозицијата, изборите закажани за 5 јуни мора да се одржат. Високи функционери во владејачката партија за Press24 велат дека датумот на изборите е веќе завршена работа и дека околу таа тема, веќе нема простор за разговори и преговори.
„Уставот е јасен, постапката за избори е почната и мора да се стави крај на политичката криза. Учеството на изборите е право на секоја од партиите“ – вели нашиот извор.
И претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во обраќањето на почетокот на месецот рече дека кризата мора да заврши на избори. Избори ќе има, кој сака нека учествува на нив, подвлече тогаш Груевски
„Оваа криза мора да заврши и зад оваа криза не стојат никакви заложби за слобода на медиуми ниту демократија и борба против корупцијата, стои немоќ, страв, фрустрации, обид за поткуп на идентитет и насилна промена на власта во Република Македонија од страна на опозицијата која е изгубена во својата безидејност и не се занимава со политика, идеи, решенија, туку шпионажа, уцени, деструкција. Тврдам дека во ваква ситуација изборите се излез од кризата и тука немам никакви дилеми. Ова е слободна земја и овде народот одлучувал и ќе одлучи кој може да се справи со реалните предизвици и секојдневни потреби и проблеми, кој нуди решенија можности, подобар стандард, инвестиции“ - рече Груевски.
Темата околу изборите повторно се врати на врвот по последното интервју за „Стандарт“ на лидерот на ДУИ, Али Ахмети кој повторно ја остави отворена можноста неговата партија да не се појави пред граѓаните на 5 јуни.
„ДУИ сака да се исполнат сите услови изборите да бидат прифатени од сите страни и од меѓународната заедница. Ние, четирите партии одлучивме да ги одложиме изборите за 5 јуни. Но сега опозицијата ја оспорува работата на ДИK. Не ќе е добро за државата да се оди на избори без опозиција. ДИK треба да се изјасни за оправданоста на барањата на опозицијата, а тоа треба да го коментираат и меѓународните претставници. Во земјава ситуацијата е хаотична“, вели Ахмети.
Експертите велат дека кога станува збор за Ахмети и неговите ставови поврзани со изборите ништо не треба да изненадува. Тие коментираат дека ДУИ работат на „далечински“ управувач кој го контролира меѓународниот фактор, а партијата секогаш и без исклучок ги почитувани желбите на странските претставници.
Сепак, она што е последен став во владејачката партија е изјавата на портпаролот Бујар Османи дадена во емисијата Топ Тема на Телма пред околу една недела, каде тој на својот колега Петре Шилегов јасно му стави на знаење дека ДУИ ќе оди на избори на 5 јуни. Османи тогаш му рече на Шилегов дека ако СДСМ реши да ги бојкотира изборите, штетата ќе се пресметува само на Бихаќка.
Од опозициската СДСМ и натаму остануваат на ставот дека ќе ги бојкотираат изборите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа