Милчо Манчевски во Њујорк го снима петтиот филм - „Бикини“
Милчо Манчевски на њујоршки Менхетен и во Бруклин го режира својот петти игран филм „Бикини“. Деновиве проектот „Бикини“, по сценарио и во режија на Манчевски, влезе во последните фази на претпродукција и снимени се почетните материјали, а првата клапа ќе падне на 9 мај.
- Новиот филм е за Бикини, харизматична, темпераментна и неспокојна поранешна жена-маринец, која се враќа од Ирак и ненамерно станува центар на документарен филм, додека се обидува одново да се интегрира во општеството и да си го поврати старателството врз малата ќерка. Станува збор за прв долгометражен филм на Манчевски во САД по епизодата на серијата „Прислушкувачи“ (The Wire) која тој ја режираше за „Ејч-Би-О“ во 2002 година, соопшти С-прес.
Наслвната улога ќе ја игра Кондола Рашад, позната од новата ТВ-серија во САД „Милијарди“ и од бродвејската верзија на Шекспировата „Ромео и Јулија“ со Орландо Блум. Рашад е, инаку, ќерка на позната актерка - Фелиша Рашад која се прослави со серијата „Козби шоу“.
Другите главни улоги Манчевски им ги додели на актерите во подем Сара Голдберг, Вил Џеновиц и Сатја Сридхаран.
- Како и моите досегашни филмови, „Бикини“ зборува за природата на вистината, лагата и илузијата. Филмот ќе го има мирисот на Њујорк, се снима на повеќе локации во градот кој ми е втор дом и многу го сакам. Имаме извонредно талентирана екипа - и актерска и филмска. На овој филм се изборив за апсолутна креативна слобода, без мешање од финансиери, продуценти или политичари, со целосна доверба и хармонична соработка. Ова е еден од ретките американски филмови каде што авторот има право на фајнал кат (право на финална верзија), изјави Манчевски.
„Бикини“ е копродукција меѓу САД, Канада и Германија и е прв филм на Манчевски во кој не учествува Македонија. Се снима на повеќе локации низ Њујорк, како и во едно бруклинско студио. Директор на фотографија е младиот Џошуа Вајнстин од Њујорк, а продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Лондон, кој соработува со Манчевски на сите негови филмови.
Манчевски претходно ги сними „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“ кои се прикажани на сите шест континенти, со комерцијална дистрибуција во над 50 земји, проекции на над 200 фестивали и над 40 меѓународни награди, меѓу кои и Златниот лав во Венеција и номинација за Оскар.
По студиите во САД, Манчевски од 1985 година живее во Њујорк каде предава филмска режија на постдипломски студии.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа