Спасов: Самовработувањето е голема можност за лицата со инвалидност
Заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски, денес остварија средба со 15 –тина лица со инвалидност кои што се дел од обуката за мерката самовработување со грант средства за лица со инвалидност.
-Имав чест да остварам средба со луѓе борци, луѓе кои што се охрабриле да учествуваат во оваа мерка, луѓе кои што и покрај својата инвалидност веруваат во сопствените способности, имаат идеја, сакаат да работат и сакаат да основаат сопствен бизнис. Оваа мерка ја воведовме и со таа цел, односно во 2015-тата година беше наше предизборно ветување и веќе е во реализација и во 2016-тата година. Станува збор за грант за самовработување за лица со инвалидност. Оваа мерка нуди можност за секое лице со инвалидност кое што е работоспособно и кое што ќе аплицира на објавените огласи да учествува најпрво во обука за самовработуање, каде што стекнува знаење за сите основи за водење бизнис, понатаму учествува во процес на квалификација и добива неповратни средства во износ од 270.000 денари, за носителот на бизнисот и може да добие дополнително плус 92. 000 денари за ново вработување. Ова е одлична можност за секое работоспособно лице со иналидност, кое што има одредена идеја, има одредена замисла, во секој случај поседува способности и сака да вработи, да работи, да ја реализира сопствената идеја да ја искористи оваа можност, рече Спасов.
Тој информира дека за оваа година обезбедени се 50 милиони денари за финансиска поддршка на 100 нови бизниси, односно за финансиска поддршка на 100 лица со инвалидност да се самовработат и да отворат плус дополнителни 200 работни места или пак околу 300 работни места.
Директорот на АВРМ Поповски истакна дека во овој момент е отворен повик за лица со хендикеп да може да аплицираат за самовработување, односно за средства.
-Тие исто така може да аплицираат и за дополнителни 100.000 денари за адаптација на нивното работно место, доколку имаат потреба од адаптација, исто така неповратни средства од АВРМ. Исто така за оние лица кои што ќе се самовработат, придонесите кои што ќе ги плаќаат кон државата Министерството за труд и социјална политика ги враќа, во одреден период, некаде околу 60-тина дена, придонесите се враќаат поторно на лицето што се самовработило и по истекот на девет месеци откако ќе ја формираат фирмата, имаат редовно исплатено плати, имаат успешна приказна, успешен бизнис, ќе добијат можност за неповратни 20 просечни плати, односно некаде приближно во денешни услови околу 7.000 евра. Доколку се во количка или се над 90 проценти слепи тогаш ќе добијат можност за 40 просечни плати или околу 14.000 евра, рече тој.
Инаку, во период од три години, покрај обуката и покрај тоа што ќе добијат ментор, лицата што ќе се самовработат ќе добијат и техничка помош, во смисла на совет, начин, постапка како да се справат со тековните проблеми.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа