Владините огласи за закуп на 4.426 хектари земјоделско земјиште можност за нов профит и нови вработувања
Во тек се два огласи за издавање под закуп на 4.426 хектари државно земјоделско земјиште, во 20 општини во државата за површини над 3 хектари, со што се продолжува веќе воспоставената пракса за постојано објавување на слободното државно земјоделско земјиште под закуп што претставува постојано барање на земјоделците и компаниите од агро секторот.
-Станува збор за продолжување на веќе воспоставена, но многу позитивна практика преку која во досегашниот период огромни површини на државно земјоделско земјиште се дадени во рацете на граѓаните, на земјоделците, на бизнисмените, за што сведочат над 8.600 склучени договори. Очекуваме дека и со овие два нови огласи ќе продолжи тој позитивен тренд и позитивното дејство затоа што тие претставуваат извонредна можност за земјоделците кои веќе стопанисуваат во овој сектор да ги прошират своите површини и на тој начин да обезбедат поголема профитабилност за себе и поголем број на нови вработувања за населението, но претставуваат и добра можност за сите оние лица кои до сега не се занимавале со земјоделие, но имаат идеја, бизнис план, интенција да влезат со инвестиција во земјоделскиот сектор. Покрај добивањето на државното земјоделско земјиште под закуп, лицата ќе може да ги користат и останатите владини мерки кои што значат сериозна поддршка на ова поле како што се субвенциите, кофинансирањето на набавката на опрема, механизација и останатите поволности и затоа е добро, апелираме сите заинтересирани лица добро да ги проучат овие можности, истакна владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев и додаде дека процедурата за доделување ќе биде во извонредна, фер и транспарентна постапка не електронска јавна аукција без учество на човечки фактор и сите апликанти се добредојдени да влезат во овој процес.
Огласеното државно земјоделско земјиште на овие два огласи се наоѓа во општините: Берово, Битола, Велес, Виница, Гази Баба, Гевгелија, Дебар, Делчево, Кавадарци, Кисела Вода, Кочани, Куманово, Неготино, Прилеп, Радовиш, Ресен, Свети Николе, Струга, Струмица и Тетово.
Земјиштето од страна на идните закупци може да биде користено за одгледување на едно годишни или повеќе годишни култури од сите гранки во земјоделството и согласно културата која ќе се одгледува ќе биде потпишан и договор за закуп за период од 15 години за едногодишни култури, 30 години за долгогодишни насади, 50 години закуп за одгледување на маслинки и 70 години за одгледување на лешници.
На првиот оглас на кој се понудени 2211 хектари во 20 општини во државата, земјоделците или компаниите од земјоделството кои ги исполнуваат условите од огласот, ќе можат да аплицираат за одгледување на култури по нивен сопствен избор согласно нивната земјоделска дејност и плановите за раст и развој на земјоделското стопанство. Овој оглас има општа земјоделска намена и пред се е фокусиран на земјоделците од мало и средно ниво, кои имаат намера да го прошируваат своето производство на нови земјоделски површини и со тоа да остваруваат поголема профитабилност, или пак директно да влезат со поконкретна инвестиција од среден обем во земјоделскиот сектор. Апликантите ќе треба да поднесат програма или план за работа, и да исполнат минимум технички услови за апликација во смисла на поседување на механизација и вработување на кадар за работа.
Вториот оглас пак има комерцијална земјоделска намена и претставува можност за инвестирање на покрупен капитал во земјоделската дејност. На огласот се понудени 2215 хектари и на него ќе можат да аплицираат земјоделци и компании на кои им е адекватна намената за огласените парцели и наведените услови за планирани минимални инвестиции во следните 4 години. Од овие 2215 хектари кои се поделени во 3 географски целини, 2061 хектар се наменети за одгледување на култури за кои договорот за закуп се потпишува на 15 години и минималните инвестиции во изградба на објекти за примарна обработка во следните 4 години што треба да ги реализира идниот закупец треба да изнесуваат 2 милиони евра, додека пак за 154 хектари намената се однесува на долгогодишни насади, договорот за закуп се потпишува на 30 години и идниот закупец треба во следните 4 години да инвестира во објекти за примарна обработка на земјоделски производи минимум 1,4 милиони евра.
За двата огласи право на учество имаат сите домашни физички и правни лица кои се регистрирани во единствениот регистар на земјоделски стопанства или пак се трговци поединци со дејност земјоделство, како и странски правни лица кои имаат своја подружница во Македонија, што претставува одлична можност како за земјоделците кои веќе се занимаваат со земјоделство така и за лицата кои сакаат да започнат да се занимаваат со земјоделска дејност.
Изборот на најповолен понудувач ќе се реализира согласно исполнување на условите наведени во огласите во максимално транспарентна постапка која завршува со постапка со електронско јавно наддавање во која учествуваат сите земјоделци и правни лица кои ги исполниле условите од огласот и преку која се обезбедува целосна транспарентеност и фер натпревар за сите заинтересирани лица.
Заинтересираните лица ќе можат да аплицираат на овие огласи до крајот на месец мај оваа година. За сите дополнителни информации поврзани со условите од огласот, начинот на нивното исполнување, прибавувањето на потребната документација како и запознавање со подетални податоци за огласеното земјиште сите заинтересирани земјоделци можат да се обратат во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како и во подрачните единици во општините во кои се наоѓа огласеното државно земјиште.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа