Груевски: Политичката криза ќе се реши

 

Политичката криза ќе се реши, а сите ќе излеземе многу посилни од сето ова, но и помудри. Нема поголема сила од народот, а секој кој тргнал против народ е осуден на пропаст, порача денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Македонија, истакна, ќе се врати на патеките на напредокот на економскиот развој, на патот на ЕУ и НАТО и колку некој, поради свои лични интереси, сака да не одврати од оваа наша заедничка цел, тој не прави порешителни, уште многу повеќе силни да опстоиме, да се бориме, но и да успееме.

Акутната политичка криза во која што е Македонија подолг период, посочи Груевски, ги нарушува спокојството, мирот и секојдневието  на граѓаните и се одразува на економијата, иако засега, како што потенцира, економијата се држи солидно.

Истакнувајќи дека има и такви кои во дел од медиумите порачуваат оти ситуацијата е безизлезна, нема надеж и нема светло на крајот од тунелот, Груевски нагласи дека секој почеток има и свој крај и оти така е и со политичката криза која ќе се реши.

- Овој народ и оваа држава има капацитет да ги надмине овие проблеми и ќе ги надмине како што и во минатото многупати ги надминала. Сме се снашле со многу предизвици, со многу опасности и на крај сме ги надминувале предизвиците со мудрост и со правилен избор на одлуки секогаш водејќи сметка за националните и државни интереси и интересите на народот, рече Груевски, на промоцијата на нов проект од програмата на партијата.

Во основата на ВМРО-ДПМНЕ, наведе Груевски, е да ја заштитиме нашата држава и ве уверувам дека ќе успееме и ќе победиме затоа што народот е силен и свесен и многу добро знае што се случува. И кога е најтешко, потенцира, секогаш со народот бил ВМРО-ДПМНЕ, затоа што ВМРО-ДПМНЕ опстојува  и во многу потешки времиња, код околу кој се собирале сите кои ја сакаат слободата и самостојноста на земјата.

- Народот застанува против виткањето кичми, против сценарија за дестабилизација, против рушење на мирот и соживотот. Македонија е многу повеќе од ова. Сето ова ќе помине и на крајот сите ќе треба да се погледнеме во огледало и ние кои сме сега со народот, а и тие кои се од другата страна. Историјата ќе суди за улогите, а народот ќе цени, оцени претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, упатувајќи воедно желби за пријатни, радосни и спокојни празнични денови на христијаните кои го слават Велигден. 

 
 
28.04.2016 - 21:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега