Додека опозицијата се занимава со деструкција, за три недели Груевски промовираше 5 мега проекти во земјоделието

 

Додека опозицијата се занимава со протести и демонстрирање на деструктивност, Груевски се фокусираше кон решавање на проблеми и креирање на понуда за граѓаните. За неполни три недели беа промовирани 5 големи проекти и мерки кој што ќе бидат од инзворедна корист за земјоделците, пишува Курир.мк

Со мерките се оди ниво понапред во однос на поддршката на земјоделието, каде освен класичните субвенциии се работи и на понапредни проекти за чиј заеднички именител е тоа што ќе придонесат за зголемување на приходите на земјоделците. Со овие мерки уште еднаш се докажа дека земјоделците се еден од најзначајните фокуси и приоритети на владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Првиот во низата е проектот 80% поддршка од државата за системи „Капка по капка“ и ископ на нови бунари. Системот „Капка по капка“ како револуционерна израелска новина на земјоделците ќе им донесе повраток на инвестицијата уште првата година при што ќе биде остварен и зголемен приход. Преку употребата на овој систем веќе е докажано дека се зголемуваат приносите за 2, 3 или повеќе пати што значи и зголемен приход и можност за заработка. Максималната површина за која ќе се однесува поддршката ќе биде до 50 хектари.

Официјалните приноси на пченка во Македонија е околу 4.2 тони на еден хектар, додека со проектот на УСАИД со кој се поддржа инсталирање на систем „Капка по капка“ постигнат е просечен принос од 13 тони на еден хектар или повеќе од три пати во ситуациите кога се употребувал системот.  Додека генералниот распон на производство се движел од 8 тони, па стигнувал до 18 тони по засеан хектар, зависно од други фактори, како што е климата квалитетот на почвата.

kravi-stocarska-farma

И сточарите ќе имаа поголем профит

За нив се предвиде проект за „поддршка од 80 осто за набавка за високо приносен добиток“. Ситуацијата во Македонија е што поголемиот дел од добитокот не е со висок генетски потенцијал и е потребно преориентирање кон обезбедување на високо приносен добиток кој има повеќекратен бенефит за земјоделците. На пример, сточарите кои ќе се одлучат за високоприносен добиток крави холштајн ќе имаат дваипол пати повеќе приноси, а со тоа и приходи. Оние што ќе се одлучат за високо приносни овци ќе имаат 4 пати повеќе принос од традиционалните раси, а со тоа и 4 пати поголем приход. Сличен е соодносот и кај високоприносните кози, чиј профит е поголем за три пати.

-Поголемата продуктивност во сточарското производство во државата може да се постигне само преку промена на сегашната неповолна структура и набавка на попродуктивни грла со висок генетски потенцијал, кој што во основа е високо приносен добиток. Со цел обезбедување на поголема мотивираност на сточарите за модернизирање на стадата со вакви грла, досегашната поддршка за кофинансирање на трошоците за набавка на педигиран добиток кои ќе се покриваат од страна на државата, ќе биде 80% од трошоците, потенцира.

Земјоделски советници

Третиот проект кој беше промовиран беше проектот за Земјоделски советници кој ќе имаат значајна улога и претставуваат неопходност за македонските земјоделци. Заради редовно обезбедување на квалитетни совети за земјоделците ќе се воспостави функционален Земјоделски советодавен систем на професионални земјоделски советници. Системот ќе ги вклучува сите советници во државата кои ќе ги исполнат условите за соодветно искуство во струката и стручна подготвеност која ќе се докажува преку полагање на испит. Вака лиценцираните советници кои ќе ги бираат самите земјоделци ќе бидат на нивно располагање за совет секогаш кога им е потребно, но и ќе спроведуваат совети согласно дефинираните приоритети на земјоделската политика. Така редовни совети преку системот особено ќе се обезбедуваат за дефинирани групи на земјоделци со недоволна големина на нивните производни капацитети, за дадени корисници на поддршка од државата.

Земјоделските советници ќе бидат лица со завршен факултет и познавање англиски јазик кои ќе мора да ги следат современите трендови во земјоделствто за да можат што подобро да советуваат. Ќе имаат лиценци со ограничено траење по што ќе мора потворно да полагаат за да бидат мотивирани постојано да учат.

-Ќе бидат на база слична на матичните лекари, ќе бидат плаќани од државата по капитација, односно по глава на жител-земјоделец, односно колку има привлечено земјоделци да им биде советник, толку соодветно ќе биде платен и ќе бидат добро платени, ќе има голем интерес за таа професија, но тие ќе бидат должни неколку пати во годината да го посетуваат земјоделецот, да му даваат најдобри стручни совети, совети кои се базирани на најновите научни истражувања во делот на земјоделито во светот. Советниците ќе имаат обврска да ги посетуваат земјоделците на нива, да ја испитуваат земјата, да им дадат совет за нивниот плод и ќе имаат обврска да напишат што ги советувале, каков совет им дале, и потоа да ги видат резултатите, рече  Груевски промовирајќи го овој проект.

traktor zemjodelstvo

Агро бизнис зона

Четвртиот револуционерен проект е формирање на агро бизнис зона, интегрирана зона во која на едно место да бидат застапени и сконцентрирани складишни центри, трговци и компании, како и други претставници на синџирот на набавки на свежи и преработени земјоделски производи.

Агро бизнис зона Македонија ќе овозможи собирање на свежото земјоделско производство на Република Македонија и негова дистрибуција кон крајните потрошувачи во и надвор од државата. Главни бизнис активности што ќе се нудат во Агро бизнис зоната ќе бидат: калибрирање, класирање, пакување и разладување; определување на цена на берза и утовар и дистрибуција.

Проектот, како што истакна Груевски, е комплексен и неговото  организирање и  изградба ќе започне во третата четвртина од годинава и ќе трае во текот на цела 2017 година, а функционален ќе биде во 2018 година. Зоната ќа биде во централна Македонија, а во моментов се предлага да биде лоцирана во Неготино.

– Агро бизнис зоната ќе овозможи собирање на свежото земјоделско производство и негова дистрибуција кон крајните потрошувачи, во и надвор од државата. Главните бизнис активности што ќе се нудат во зоната ќе бидат калибрирање, пласирање, пакување и разладување, определување цена на берза, утовар и дистрибуција и купопродажба.  Со тоа Македонија ќе добие интегриран систем за пласман на земјоделското производство што ќе го намали бројот на учесниците во синџирот на набавка и ќе овозможи поповолна цена за земјоделските производители, но и механизам за воспоставување фер и амортизација на ценовните шокови во периодот на пазарни вишоци, рече Груевски.

„Од село во град за нов почеток“

Петиот проект кој предвизвика внимание е проектот „Од село во град за нов почеток“.  Со моделот се нуди пакет на мерки и бенефиции кои што ќе се состојат од парични средства за купување, изградба на нова, или реконструкција на стара и веќе постоечка куќа на село во износ од 6 илјади евра, доделување на бесплатно државно земјоделско земјиште за работа, субвенции за набавка на земјоделска механизација од кои 50 % ќе ги покрие државата, еднократна парична помош во рок од 18 месеци потребна за почеток со работа и обезбедување на егзистенција во износ од 15 илјади месечно, како и 80 отстотна поддршка за изградба на системи „Капка по капка“ доколку се занимава корисникот со обработка на почва и растително производство или 80 отстотна поддршка за набавка на високо приносен добиток, изградба на бунари како и можност за бесплатни пасишта за оние кои ќе се одлучат за сточарство и редица други поволности.

 
 
01.05.2016 - 13:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега