Орав: Политичката криза трае предолго - нема време за губење
Оваа политичка криза трае предолго, нема време за губење. Останува премногу работи да се завршат, потребни се тешки и сериозни одлуки кои треба да бидат донесени во најскоро време од оние што се одговорни за ситуацијата, изјави евроамбасадорот Аиро Орав на денешната традиционална средба со амбасадорите од земјите-членки на ЕУ и актуелниот и поранешните вицепремиери за европски прашања, организирана од Секретаријатот за европски прашања по повод Денот на Европа.
- Вашата земја е специјален случај. ЕУ веќе препорача шест и пол пати да ги почнете преговорите за членство, но за жал не сме во можност да го сториме тоа. Сега треба многу сериозно да размислуваме што да направиме со оваа половинка од препораката и како да и пристапиме. За жал, останува премногу работа да се заврши. Оваа политичка криза трае предолго, рече во воведното излагање Орав.
Тој оцени дека Пржинскиот договор лани беше надеж за граѓаните на оваа земја и за меѓународната заедница. За жал, додаде, зборовите што ја опишуваат најдобро минатата година се опструкции, одлагања и неспроведувања, а тоа е само врз одледениот брег.
- Минатиот месец го видовме и самиот леден брег кога беше донесена одлуката за аболиција. Нема време за губење. Тешки и сериозни одлуки треба да бидат донесени денес, утре од тие што се одговорни за ситуацијата, така што заедно ќе одиме напред. ЕУ е тука ако ви треба нашата помош. Ние во ЕУ исто така многу се надеваме дека оваа криза ќе биде оставена зад нас и дека ќе ги почнеме преговорите со вас кога тоа ќе биде можно, рече Орав.
Вицепремиерот Арбр Адеми изјави дека факт е оти Македонија најдолго ја имплементира ЕУ-агендата од сите земји во регионот и оти не може да се сокрие дека земјата е во најкомплексна криза која е неодржлива.
- Наша одговорност како политичари е што поскоро да најдеме излез од оваа политичка криза и да се вратиме на патот на ЕУ интеграцијата. Нема друга алтернатива за нашата европската иднина од одржување веродостојни избори и широко прифатени изборни резултати, како и понатамошно агресивно имплементирање на итните реформски приоритети со што ќе го осигураме задржувањето на моментно условената препорака на ЕК. По демократските и кредибилни избори цбврсто верувам дека единствен кредибилен чекор на ЕК, Советот на ЕУ и Европскиот парламент, како и на земјите членки е да и дадат на Македонија шанска да ги почне пристапните преговори, рече вицепремиерот Адеми.
Холандскиот амбасадор во земјава Вилем Ваутер Пломп запрашан дали се очекува наскоро лидерска средба за надминување на кризата во пресрет на доаѓањето на германскиот специјален претставник Хаиндл изрази надеж дека лидерите ќе најдат мудрост и храброст да постигнат решение и оти се надева дека напорите на меѓународната заедница ќе придонесат за изнаоѓање на тоа решение. - Но, на крајот на политичките лидери е да изнајдат решение, вели амбасадорот Пломп.
Американскиот амбасадор Џес Бејли, пак, кусо посочи дека остануваат во комуникација со политичките партии.
На традиционалниот ЕУ-појадок на кој се разговарало за тоа каде е во земјата во моментов и за најзиниот напредок, присуствуваа и шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, поранешните вицепремиери за евроинтеграции Фатмир Бесими, Радмила Шекеринска, Теута Арифи, Арбр Адеми, како и претставници на ОН, на НАТО и на ОБСЕ во земјава.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа