И покрај политичката криза продолжуваат позитивните трендови во преработувачката индустрија
И покрај влијанието на политичката криза, продолжуваат позитивните трендови на раст во преработувачката индустрија во земјава. Покрај градежниот сектор, преработувачката индустрија последниов период претставува носител на растот на македонската економија, пишува Лидер.
Раководителите на деловните субјекти во преработувачката индустрија, според анкетата на Државниот завод за статистика, очекуваат зголемување на обемот на производство во наредните три месеци. Оценката за економската состојба на деловните субјекти во април 2016-та година е поповолна во споредба со претходниот месец, а поповолна е и во однос на април 2015 година. Состојбата со обезбеденоста на производството е поповолна, а компаниите од овој сектор имаат намера да го зголемат бројот на вработени во следниот период, како што расте бројот на нарачки, особено од странските пазари.
И прометот во преработувачката индустрија, според податоците на статистика, бележи континуиран пораст. Во март годинава, забележан е раст на прометот за 7,2%. Континуирано расте и бројот на работници. Во март годинава, забележан е раст на бројот на работници за 2,1% во споредба со истиот месец лани.
Дека преработувачката индустрија е еден од носителите на економскиот раст, потврдува и фактот што оваа индустрија минатата година ја заврши со рекордно висок резултат во однос на производството, најголем во последните 20 години.
Извозот расте, ајварот најбаран во Германија
Конзервната индустрија продолжува со зголемување на извоз на странските пазари. Македонските производи се побарани на странските пазари. Ланските добри приноси на градинарите влијаеа позитивно и на преработувачките капацитети. Поволните временски услови, најдобри во последните пет години, влијаеа на повисокиот квалитет и квантитет на градинарските култури.
Преработувачите на зеленчук и овошје лани извезоа скоро 49 илјади тони готови производи, што е за речиси 2.000 тони повеќе споредено со претходната година. Од овој извоз, преработувачката индустрија лани инкасирала 55,4 милиони евра, што е за 3 проценти повеќе од претходната година. Најголем дел од домашните преработки на овошје и зеленчук завршиле во земјите на Европската унија, како и на пазарите во соседството.
Водечки производ и натаму е ајварот и преработките од црвената пиперка, а најголем потрошувачки пазар е Германскиот. Освен на германскиот пазар, македонскиот ајвар најмногу се извезувал и на српскиот, а интересен е фактот што голема потрошувачка на македонските преработки има и на австралискиот пазар.
Анализата на Македонската асоцијација на преработувачи покажува дека за осум години, извозот на преработувачката индустрија е зголемен за 18,5 тони, на 48,8 илјади тони, додека вредноста од 2007-ма година досега, е зголемена за 18,5 милиони евра.
Рекордно производство и висок квалитет
Конзервната индустрија во земјава бележи рекордно производство, а истовремено расте и квалитетот на производите. Но, експертите сметаат дека за да продолжи овој тренд на раст, производителите треба да инвестираат во современа технологија, која би им ги намалила трошоците, а со тоа ќе се зголеми профитабилноста на компаниите.
Според нив, земјоделскиот сектор и прехрамбената индустрија во земјава се одликуваат со добар квалитет, но се уште постојат технологии и системи за преработка на прехрамбени производи кои не можат да одговорат на барањата на некои современи пазари.
Конзервната индустија учествува со 3 проценти во бруто домашниот производ на Македонија. Во земјава има над 40 активни капацитети за преработка на овошје и зеленчук. Над 80 проценти од преработката на домашното овошје и зеленчук оди за извоз. Главен пазар, со над 50 проценти удел останува Европската унија, каде доминира германскиот пазар. Втор најголем пазар за домашните преработувачи е српскиот, како и останатите соседни пазари, а важно е и тоа што одредени количини од производството се пласираат и во прекуокеанските држави, како САД, Канада и Австралија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа