Бугарски компании заинтересирани за сериозни инвестиции во Македонија
Вкупно 38 бугарски компании се заинтересирани за сериозни инвестиции во Македонија, а не е мал бројот и на македонските фирми кои се веќе етаблирани во Бугарија и кои оттаму успешно настапуваат и освојуваат трети пазари, беше речено на денешното четврто годишно собрание на Македонско-бугарската стопанска комора.
Како што истакна нејзиниот претседател Зоре Темелковски, токму излегувањето на трети пазари, но преку креирање заеднички производ и здружување на капиталот, останува еден од клучните приоритети на Комората.
Комората, додаде, ќе продолжи и со интензивните разговори со политичките субјекти во насока на креирање уште подобри решенија, зашто бизнисот никогаш не треба да биде задоволен од ситуацијата и секогаш треба да нуди прогресивни идеи.
- Ќе продолжиме со поконкретни средби со политичките авторитети за да ги минимизираме бариерите.Ќе бидеме уште покритички настроени зашто сметаме дека стопанствениците не можат никогаш да бидат задоволни од одлуките на владите и секогаш треба да имаат поголема цел од онаа на обичниот граѓанин. Сакаме да покажеме дека кога се има знаење и желба нешто да се постигне, тоа не е неостварливо, напомена Темелковски.
Според него, и натаму определба на Комората е пазарите во Македонија и Бугарија да ги обединува, а капиталот да го имплементира во ноу-хау.
-Комората се движи на патот на претприемништвото. Никако не го менува курсот, да оди кон менаџерството, иако има големи компании - членки, посочи Темелковски.
Македонско-бугарската стопанска комора е формирана во 2011 година со доминантен приватен капитал, на иницијатива на бизнис заедниците од двете земји. Идејата е да ги подобрува и стимулира заемните економски, културни и општествени иницијативи и промени. Мото на Комората е „Бизнис без граници
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа