Ставревски на потпишувањето на договорот за Јужен тек: Напорите на Владата вродија со плод
Македонија денеска во Русија го потпиша договорот за Јужен тек. Со ова е остварена стратешка цел за обезбедување енергетска иднина на земјата. Македонија се вклучува со крак, а од каде ќе се гради дали од Србија или Бугарија треба да одлучи „Газпром“.
- По извесен период на преговори и подготовки конечно денеска се потпиша овој договор и тоа е одлична вест за Република Македонија во смисла на обезбедување енергетска стабилност на долг рок, обезбедување доволни количини гас и понатамошен развој на гасната инфраструктура во Македонија, односно продолжување на цевководот до другите градови, изјави премиерот Груевски по потпишување на договорот во Москва. Очекува проектот да влијае и на дополнително зајакнување на политичко-економските односи на Република Македонија со Руската Федерација и е резултат на пријателството и позитивниот тренд во билатералната соработка.
Груевски истакна дека во моментов има гасовод само од бугарската граница до Скопје, а сега се создаваат предуслови за понатамошни чекори во правец на изградба на цевковод и разгранување низ другите градови. Посочи дека за тоа се почнати прелиминарни чекори, односно Министерството за транспорт и врски на Владата на Република Македонија склучи договор со компанија која прави физибилити студија за секундарна гасификација што значи гасификација во градовите. Како што посочи, потпишан е и договор за нови огромни количини гас.
- Јужен поток веќе почна да се гради, се очекува до 2015 година да се изгради во морскиот дел меѓу Русија и овој дел на светот, а подоцна да продолжи и најдоцна до 2018 година целосно да биде завршен, така што од тој аспект ова е значаен голем чекор за Република Македонија, потенцира Груевски.
Тој најави дека се очекува до октомври да се потпише договорот со „Стројтранс гас“, за што е веќе дадена согласност за текстот на договорот од нивна страна, остануваат уште постапките во министерствата во Владата на Руската Федерација.
- Сега разговаравме и околу тоа со министерот за енергетика и неговите надежи се дека до октомври ќе се потпише и договорот со „Стројтрансгас“, така што тоа ќе значи дека по потпишување на тој договор ќе може да почне градбата на внатрешната инфраструктура, односно мрежа на цевковод за пренос на гас до другите градови во Македонија, истакна премиерот Груевски. Овој договор, како што нагласи, претставува еден дел од севкупната градба на гасоводната мрежа во Македонија и е на некој начин исплата на клириншкиот долг на Советскиот сојуз кон Македонија за да се затвори тоа прашање.
Вицепремиерот Ставрески потенцира дека се успеа во напорите Македонија да се вклучи во овој проект иако на почетокот таа не беше составен дел на Јужен тек.
- Се покажа дека работата, залагањето и напорите на Владата вродија со плод и среќен сум што успеавме да го потпишеме овој договор и да започне процесот на гасификација на Република Македонија со условите што се создадени со овој Договор, истакна Ставрески.