Коњановски: Винариите кои не го исплатиле грозјето од минатата година нема да можат да се регистрираат за нов откуп

На денешната матична собраниска Комисија, ресорниот заменик министер Зоран Коњановски изјави дека политиката која што ја води е перманентна грижа за земјоделците. Токму тие луѓе го препознаваат и почитуваат. Коњановски истакна дека внимателно ги следи состојбите и не случајно даваат субвенции а преку измените на законите се сведуваат на минимум сите ризици. Коњановски на собраниската Комисија истакна дека секоја винарска визба која нема да го исплати откупеното грозје од претходната година, нема да може да се регистрира за откуп. 

- Ако некој се дрзнал да излаже или да не достави точни податоци за исплата до Министерството, надлежните органи ќе преземат соодветни мерки. Таков е сега случајот со одредена визба против чии сопственици е веќе отворен кривичен предмет, истакна Коњановски.

Земјоделството е фабрика на отворено и никогаш не може сосема да се предвиди родот додека не се прибере истакна Коњановски.

- Некои винарии можеби и манипулираат со производителите, но ние, преку законите, ги подобруваме состојбите, сакаме да ставиме крај на таквиот однос. Ако некој не излаже дека реализирал целосна исплата, ќе се соочи со законот, повтори заменик министерот.

Ресорниот заменик министер се осврна и на субвенциите, потсетувајќи дека ниту една европска земја не обезбедува финансиска поддршка за лозарите колку Македонија, 80.000 денари за хектар предадено грозје во преработувачки капацитет.

Николовска истакна дека измените на Законот за вино се само декларативна, а не конкретна заложба за решавање на проблемите и со нив власта им се додворува на зејоделците.

- Ова носење закон е уште една манипулација со лозарите. Не можеме да дебатираме како да не ја знаеме состојбата во лозарството. Ланската година „Винеа“ го немаше платено грозјето до 30 април за претходната година, а лиценцата за откуп не и беше одземена. Долгот кон производителите на оваа винарска визба со претходните години е најмалку 400.000 евра. Ваков случај пред тоа беше и „Повардарие“, рече Николовска.

Преписката меѓу Коњановски и Николовска продолжи а ресорниот заменик министер ја обвини пратеничката за манипулација

 - Ако имавте искрени намери, се ова што го кажавте ќе го ставевте на хартија и ќе поднесевте амандман, но тоа не го сторивте, и реплицираше заменик министерот на пратеничката.

СДСМ ги поддржа измените на Законот со забелешка визбите да бидат обврзани да го подмируваат вкупниот долг кон лозарите, од сите претходни години, ако го имаат, а не само од последната.

На тоа реагираше Коњановски со образложение дека со законот се регулира само претходната година зашто винарници кои тогаш имале долгови, не можеле пред таа година да вршат откуп.

Според него, на четири, а не на осум винарски визби им се одземени лиценците за откуп. Но, тие се уште имаат шанси за откуп на годинашниот род, ако до 30 април ја реализираат испалтата во целост.

 

- Никогаш Министерството за земјоделство официјално не кажа дека на осум винарски визби им се одземени лиценците, туку на четири, „Винеа“, „Еленов“, „Повардарие“ и визбата од Валандово. Ако до 30 април не го исплатат грозјето, овие субјекти не ќе имаат можност за откуп, подвлече Коњановски.

 

Клучната измена на Законот за вино што треба да се донесе по скратена постапка е, винарниците, ако не го исплатат ланското грозје до 30 април тековната година, да плаќаат глоба 10 отсто од сумата што им ја должат на земјоделците.

 

Измените беа поддржани од Комисија и проследени во натамошна собраниска процедура.

најчитано сега