Безак: Неопходно е да се решат политичката криза и спорот за името

Словачка ја поддржува евроинтеграцијата на Македонија, но потребно е да се надмине политичката криза и да се реши спорот за името, а тоа мора сами да го сторите, истакна словачкиот амбасадор Мартин Безак, кој пред членовите на  Комисијата за европски прашања ги презентира  приоритетите на словачкото претседавање со Советот на Европската унија. 

- Политичката криза во вашата држава се чини добар пример дека покрај тоа што ние денеска ги занимаваме државите-кандидати со нашата агенда тие самите не држат зафатени со нивните агенди. Евроинтеграцијата на вашата држава ќе зависи најмногу од развојот на вашата политичка и институционална рамка. Словачкото претседателство секако ќе ги поддржува напорите на вашата држава да излезете од оваа криза, но не може да ја реши политичката криза ниту билатералниот спор со Атина. Искрено се надеваме дека ќе има политичка согласност во вашата држава за новата иднина за имплементирање на Договорот од Пржино и за спроведување демократски и фер избори кои ќе ви помогнат да зачекорите кон европската иднина, рече амбасадорот Безак.

Според него, Брегзит дефинитивно ќе се одрази врз процесот на проширување на ЕУ, но не смее да се заборави дека со зачувувањето на безбедноста  во соседството Брисел ја чува и својата безбедност.

Вицепремиерот за евроинтеграции Арбр Адеми истакна дека соочувањето со последиците од Брегзит и предизвиците од мигрантската криза, не смее да се одрази на процесот на проширувањето и интеграцијата на земјите од Западен Балкан.

- За нас е особено важно задржување на препоката за почеток на преговорите како потврда за нашата европска перспектива. Од друга страна наша обврска како земја е да најдеме начин да излеземе од политичката криза, да се вратиме повторно на реформите од ЕУ-агендата и да обезбедиме аргументи дека заслужуваме да бидеме дел од европското семејство, рече Адеми.

Тој изрази уверување дека сите политички лидери ќе ги стават националните интереси над партиските и дека тоа ќе се случи брзо. Воедно, истакна дека отворените билатерални прашања не треба да бидат пречка за интеграцијата на Македонија или на која било друга земја. Адеми при тоа посочи дека искуството на Словачка како дел од Вишеградската група може да биде пример за зајакнување на регионалната соработка на Балканот.  

Марија Ангелова од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека во евроинтегративниот процес Македонија се соочува со грчкото „не“, односно со блокадата на Грција  од позиција на земја - членка, а дека политичката криза во земјата е наметната и создадена од опозцијата. 

- Прашањето за членството на Македонија е политичко, а не предмет на дополнителни наметнати реформи или неоправдани оправдувања. Македонија во ЕУ е наш приоритетен стратегиски интерес и сметам дека е од заеднички интерес да се започнат преговорите што е можно поскоро. Политиката на проширување на земјите од Западен Балкан ќе и дадат на Унијата нов живот се со цел да се осигура една долготрајна стабилност и просперитет на регионот, рече Ангелова.

Според независниот пратеник Солза Грчева, Македонија се наоѓа во статус кво ситуација во однос на евроинтеграциите примарно заради неисполнување на реформите, но и заради ирационалниот спор со Република Грција.

- Она што ЕУ можеше, а не го правеше со години наназад е да изврши притисок кон решавање на овој повеќедеценски спор и со тоа фактички создаде голем политички кредит на актуелната политичка елита, која единствено се претставува дека е на браникот на нашиот идентитет, што не е точно, вели Грчева.

Амбасадорот Безак нагласи дека словачкото претседателство има четири приоритети - економски силна Европа, модерен заеднички пазар, одржлива миграциска и азилантска политика и глобално ангажирана Европа, каде што спаѓа и  кредибилна политика на проширување. Тој ги изнесе приоритетите на шест-месечното претседавање на Словачка со Унијата без присуство  на опозицијата.

 
 
13.07.2016 - 15:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега