Струшките полицајци и родители патролираа низ Струга
Две малолетни лица се затекнати во два угостителски објектa во Струга по 24 часот, при синоќешната акција на полицијата во рамки на проектот „Машани патроли“.
Лицата, како што информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски, немале алкохол на масите пред себе. На малолетниците им било укажано дека мора да се придржуваат кон законските прописи за престој до 24 часот.
- Најмногу млади се затекнати во Паркот на поезијата, но кога ја видоа полицијата веднаш се разотидоа, изјави Димоски.
- Еден од генералните заклучоци е дека овој проект е успешен, а родителите побараа и во август да се направи уште една ваква акција, но не најавена преку медиумите. Задоволни сме што превентивното делување се оствари на терен, рече Димоски, додавајќи дека акцијата има превентивен карактер со цел да се почитува законската регилатива.
Пред да излезат на терен, родителите заедно со полицијата синоќа во 23 часот одржаа состанок, каде прецизираа кои места ќе ги посетат. Димоски информира дека лани немало вакви мешани патроли, но по други контроли затекнати се девет малолетни лица, по 24 часот, кои немале пред себе алкохол.