Спротивставени ставови за законот за аудиовизуелни медиумски услуги

Во Собранието на Република Македонија денеска и утре се одржува расправа за предлог законите кои ја регулираат медиумската сфера.  Собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија, денеска одржа јавна расправа за Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Претставници на новинарски  здруженија и уредници ги изнесоа своите ставови за текстот.

Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски рече дека целта на законот е да се обезбеди развој на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, развој на независната продукција, поттикнување, унапредување и заштита на културниот идентитет, јазикот и традицијата на заедниците во Република Македонија, почитување на културните и религиозните разлики, поттикнување на културата на јавен дијалог меѓу граѓаните со цел да се зацврстува взаемното разбирање и толеранција за унапредување на односите помеѓу различните заедници, поттикнување на творештвото, образовниот и научниот развој, рече Ивановски.  Исто така, според него, законот треба да обезбеди заштита на интересите на корисниците особено на малолетните лица, потоа развој на медиумската писменост, транспарентен, независен ефикасен и отчетен јавен радиодифузен сервис, транспарентно, независно, ефикасно и отчетно регулаторно тело во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, како и развој на економијата во Република Македонија.

Тој го образложи и функционирањето на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како надлежен орган за регулирање на медиумската област.

Утре ќе се одржи и јавна расправа за Законот за медиуми, а министерот Ивановски најави уште една јавна расправа за двата закона за медиуми, на 13 август и на неа ќе учествуваат експерти од мисијата ТАIEX, од ОБСЕ и од Советот на Европа.  Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија Насер Селмани го критикуваше законот, посочувајќи, меѓу другото, дека власта во законскиот текст треба да ги стави сите забелешки на меѓународната заедница и дека тој не е во согласност со Директивата на ЕУ. Треба да се прифатат сите забелешки кои оставаат некаков сомнеж, додаде тој.

Според Тамара Чаусидис, нашиот проблем не се законите туку нивната селективна примена и довербата.

Ивона Талевска од Македонската асоцијација на новинари и уредник во „Вечер“ и Драган Павловиќ - Латас најавија дека до Собранието ќе достават амандмани на законот.

Новинарката Мирка Велиновска смета дека закон треба да има и да регулира сферата на новинарството и медиумите. Посочувајќи на финансиските поддршка и донациите што ги добиваат повеќе граѓански организации кои се занимаваат со медиумска проблематика, меѓу кои и ЗНМ, Велиновска рече дека некој сака македонското новинарство да го направи сириска опозиција. 

најчитано сега