Мухамед Зекири вечерва избран за член на ЦО и ИО на СДСМ
Предлогот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, новинарот Мухамед Зекири вечерва е избран за член на Централниот и Извршниот одбор на партијата.
Пред два дена на својто фејсбук профил Зекири го најави повлекувањето од новинарската професија.
Почитувани пријатели,
По полни 18 години како новинар дојде време да ви соопштам дека одлучив да се збогувам од професијата. Не сакам јас да зборувам за тоа како сум ја извршувал својата работа сиве овие години. Се соочував со многу предизвици, добри, но и тешки моменти, но секогаш посветено се трудев да ја извршувам новинарската работа во служба на вистината и на страна на правдата.
Околностите ме натераа да ставам крај на оваа професија. Судбината сакаше крајот на мојата кариера како новинар да биде во ТВ Шења, нов перспективен медиум и нов прозорец за пошироката јавност во земјава и не само тоа. Се радувам што бев дел од тимот што ја создаде и подигна од почетна точка оваа телевизија, на која ѝ посакувам успех и да продолжат и натаму со својата света мисија да бидат во служба на вистината и на нивните гледачи.
Алсат-М беше мојот втор дом, таму поминав полни 10 години од мојата кариера раководејќи со информативната програма, беше задоволство и се гордеам со работата што ја завршивме заедно со сите вработени во телевизијата. За работата во ТВ Алсат-М и за целиот тој период нема да зборувам јас, оти верувам дека доволно кажуваат делата и работата на оваа телевизија. Сето тоа немаше да се случи да не беше визионерот и основоположник на телевизијата, почитуваниот и незаборавен господин Веби Велија.
Речиси 6 години бев дел и од македонската редакција на Радио Слободна Европа, незаборавно искуство и врвен професионализам, медиум во кој научив многу од колегите Зоран Ќука, Љупчо Наќев и Гоце Атанасов.
Една година бев дел и од телевизијата Канал 5 во најдобрите времиња на оваа телевизија, но и во најтешките моменти за нашата земја во периодот 2000/2001-ва. Таму научив што е новинарство од колегите Јадранка Костова, Роберт Поповски, Горан Величковски и другите. Не можам да ја изоставам ниту ТВ Ера каде го имав своето прво појавување како новинар и каде што работев 2 години во периодот од 1997 до 1998.
18 години се многу, многу месеци, многу недели, многу денови, многу часови и минути и многу работа…
Ќе продолжам да бидам ваш глас, ќе бидам таму каде што ќе има потреба, ќе бидам на страната на правдата, на ваша страна, драги пријатели.
Ве сакам сите искрено, и Вас што ме сакате, и Вас што се согласувате со моите ставови, и Вас што имате различно мислење од моето.
Да не должам повеќе, ќе оставам делата да зборуваат за мене. Ќе завршам со зборовите на големиот Сами Фрашери:
“Делата го прават човека бесмртен“
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа