Расипани јајца, смрдливо месо и скиселено млеко - што купуваат македонските граѓани?

 

Во првата половина од годинава, во Агенцијата за храна пристигнале 102 жалби за купена храна, од кои дури 60 отсто биле основани, пишува Нова Македонија.

Граѓаните се пожалиле  до Агенцијата за храна за купени расипани јајца, месо со лош мирис и вкус, кои укажуваат дека нешто не е во ред, истечен рок на употреба на производите, но и туѓи тела во купената храна, пренесува весникот Нова Македонија. Инспекторите уништиле 120 килограми небезбедна храна. 

- Кај поднесените претставки за храна од неживотинско потекло, во поголем дел претставките се однесуваат на означувањето на производите, рокот на употреба и присуство на контаминенти и туѓи тела во храната. Кога станува збор за претставките што се однесуваат на храна од животинско потекло, наводите во нив во најголем дел се однесуваат на органолептички изменети својства (мирис, боја и вкус) на месо и преработки од месо, риба, млеко и преработки од млеко, како и на продажба на консумни јајца на пазарите. Поднесени се и претставки што се однесуваат на безбедноста и на квалитетот на медот, велат од Агенцијата за храна за Нова Македонија.

Инспекциските служби на Агенцијата постапиле по сите поднесени претставки. Тие донеле 28 решенија, извршиле 17 едукации, повеле четири прекршочни пријави, а три правни субјекти платиле парична казна. 

Во текот на 2012 година, до Одделението за заштита на потрошувачите биле поднесени 195 претставки. Од нив, основани биле 66 отсто. Минатата година граѓаните најмногу се жалеле на неприменување хигиенски мерки, присуство на загадувачи и резидуи во храната, органолептички изменети производи, производи со поминат рок на употреба, сомнеж за труење со храна и на потеклото и безбедноста на храната од животинско потекло, пренесува весникот.

најчитано сега