За три нови патишта во Крива Паланка 260.000 евра

Со средства од Светска банка во износ од 260.000 евра, грант од ИПА програмата на Европската унија, ќе се градат три приоритетни локални патни правци во Крива Паланка. Проектите се одобрени од комисијата во Светска банка, а од утре ќе биде отворен тендерот за градба, изјави денеска градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.
Како што информира Алексовски, ќе се градат два пата во населбата Конопница и еден во населба Лозаново. Тендерската постапка ќе биде отворена утре и ќе трае до 14 следниот месец. - Бидејќи се работи по стандарди на Светска банка, нема да се спроведе јавно наддавање, туку се бара најповолен понудувач кој ќе ги гради патиштата за да се подобри инфраструктурата во овие густо населени локалитети во општината, рече Алексовски.
Станува збор за изградба на дел од пристапната улица „Ацо Шопов“ - крак 1, со должина од 305 метри, изградба на локален пат во село Конопница кој е спој со магистралата А-2, со должина од 716 метри и реконструкција на локален патен правец Крива Паланка-село Конопница, во маала Стамболици преку место викано Кула до м.в. Црква со должина од 1.100 метри.
- По истекот на рокот за тендерска постапка и жалбениот рок очекувам доколку не послужат добри временски услови, веќе во октомври да почне изградбата на овие патишта со што ќе бидат решени неколкудецениските проблеми на граѓаните, изјави градоначалникот на Крива Паланка.
Проектите за новите патишта се дел од шесте коишто Советот на општината ги прогласил за приоритни. Три од нив се веќе изградени, до манастирот Св.Јоаким Осоговски, во Калин Камен и во село Жидилово.
13.09.2016 - 14:23
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа