Почнува „Десет дена Крушевска Република“

 

Со пристигнувањето на коњаниците од Илинденскиот марш во Крушево стартува манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“.

Манифестацијата, што се одржува во пресрет на одбележувањето на двата Илиндена, 110-годишнината од Илинденското востание и 69 години од Првото заседание на АСНОМ, ќе биде отворена вечер на Гумење со читање на Манифестот на Крушевската Република и со церемонија на изнесување и подигнување на бајракот. На отворањето ќе се обратат градоначалникот на Крушево, Ѓорги Дамчески и потпретседателот на научно културните средби Манојил Јаковлески.

Согласно програмата, предвидено е да бидат врачени плакети на истакнати личности и организации, а пред официјалното отворање ќе биде положено цвеќе пред споменикот на Даме Груев во Смилево, пред бистата на Веле Марков, на гробот на Питу Гули, споменикот на партизанските гробишта и на гробот на Тоше Проевски.

Централниот собир ќе се одржи утре на Мечкин Камен каде ќе се обрати премиерот Никола Груевски, кој е годинашен покровител на манифестацијата.

Големиот народен собир ќе биде збогатен со настапот на ансамблот за фолклор „Танец“, а вечерта на плоштадот во Крушево ќе настапи Културно-уметничкото друштво „Наум Наумовски - Борче“.

Во следните денови манифестацијата, што се одржува под слоганот „Една идеја, многу победи“, ќе продолжи со настани посветени на денот на формирањето на Владата на Крушевската Република и на Манифестот на Крушевската Република, а ќе се одржат и настани за 70 години сеќавање на жртвите на Холокаустот и во чест на хероите од Егејот.

Манифестацијата ќе заврши на 10 август на Гумење со спуштање на бајракот и стерлба во чест на хероите на Илинден и Крушевската Република. 

ФОТО: МИА

најчитано сега