Груевски: Најмалку 200 нови вработувања - започнува со работа „OneContact“
Денеска официјално започнува со работа инвестицијата на канадската компанија „OneContact“ која инвестираше во отворање на нов кол центар во Скопје, во кој ќе се вработат најмалку 200 граѓани. Тоа се 200 нови вработувања, сигурна егзистенција за нови 200 семејства.
Ова го објави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на својот Фејсбук профил.
-„OneContact“ е компанија со растечки планови за проширување на повеќе светски пазари, а преговорите со неа траеа околу две години.
Првиот контакт го остваривме на бизнис форумот во Торонто, каде низ еден подолготраен процес на планирање и договарање се дојде до реализација на оваа инвестиција.
Бизнис форумите кои ги организиравме во континуитет придонесоа за промовирање на можностите и условите за водење на бизнис во Македонија, а тоа резултираше со повеќе успешни приказни на странски инвестиции во државата.
Кандската компанија „OneContact“ е добар пример за тоа. Таа вработува млад и високообразован кадар и ваквиот тип на инвестиција не е прв во нашата држава.
Нам ни е важно секое новоотворено работно место. Ние се бориме за секоја можност која ќе значи обезбедување на сигурна егзистенција на нашите граѓани.
Новите работни места се значајни како за невработените, така и за вработенте, бидејќи колку помалку невработени има, толку повеќе расте притисокот за зголемување на платите на веќевработените, а со тоа и животниот стандард на сите. Намалувањето на невработеноста е предуслов за раст на платите кај вработените во приватниот сектор.
Целосно сме насочени кон решавање на што е можно повеќе проблеми и зацврстување на економијата која отсекогаш била наш приоритет. Економијата е главната алка која ги движи работите и затоа ние сме и целосно посветени, бидејќи силна економија значи силна Македонија, објави Груевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа