Петар Арсовски: Заев не може многу да изгуби, но не може многу ни да добие

Изјавите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев за двојазичност на целата територија на Македонија, како и поставувањето на Мухамед Зекир на висока партиска позиција, нема да предизвикаат големи потреси во опозицијата, но во секој случај се ризични потези, кои нема многу ниту да и донесат на СДСМ. Вака политичкиот аналитичар, Петар Арсовски, во интервју за Прес24 ги анализира последните состојби во СДСМ, за кои смета дека се дел од една политичка стратегија на лидерот на партијата.

Дали е таа изјава шок за СДСМ, треба да одговори СДСМ.  Во јавноста е секако предмет на полемика, и јас претпоставувам дека била предмет и на внатрепартиски консултации пред да излезе во јавноста.  Не знам како на тој став на лидерот реагираат внатре во партијата, но не верувам дека ќе има некакви јавни несогласувања.  Сепак мислам дека партијата ќе застане зад ставот на нивниот лидер, вели Арсовски во интервјуто за Прес24.

За граѓанскиот концепт на партиите, што според Арсовски, сака да го промовира Заев преку поставувањето на Зекири за висок партиски функционер е нормална политика, но смета дека таа во овој период нема да биде многу продуктивна за СДСМ.

-Заев не може многу да изгуби, но не може многу ни да добие.  Не може многу да изгуби затоа што оние гласачи кои досега останале со СДСМ претставуваат тврдо јадро, и ваквите потези немаат капацитет да ги оттргнат.  Истовремено, тој не може со ова ни многу да добие, можеби малку повеќе албански гласови одошто Стево Пендаровски, најмногу зашто едно поставување не значи автентична политика кон Албанците, за тоа се потребни многу посериозни напори, програма, платформа, вели Арсовски за Прес24.

Според него однесувањето на партиите засега покажува дека нема да има ново одложување на изборите, иако постојат ризици за таков нешто. Сепак и покрај формирањето на третиот политички блок, претежно од десни политички струи, Арсовски смета дека главната битка останува меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

-Третиот политички блок мислам дека нема да помине добро на овие избори, особено овој.  Имам две причини за таквата констатација.  Прво, тој ќе се обиде да земе гласови од ВМРО ДПМНЕ, а во овие услови кога тие се борат за опстанок тоа ќе биде ѓаволски тешко.  Второ, мислам дека наредните избори ќе бидат црно бели, биполарни, и дека многу малку простор ќе остане за трети опции, потенцира во интервјуто политичкиот аналитичар.

Она што според Арсовски е речиси сосема извесно е што по 11 декември, политичката криза нема да заврши.

-Мислам дека ќе ни следи подолгорочен мачен период во кој ќе се влечкаме со неопходните реформи, вели Петар Арсовски во интервјуто за Прес24.

ПРЕС24: Се чини дека последната изјава на Лидерот на СДСМ Зоран Заев ја разбранува јавноста до толку што веројатно ја навести и главната тема за кампањата за изборите на 11 декември?

АРСОВСКИ: Судејќи по јавните реакции, секако дека оваа политичка теза на Заев ќе биде актуелна и во предизборниот и во изборниот период. Фактот дека изјавата и ставовите се контроверзни, барем за дел од електоратот, допринесува тие да ја брануваат јавноста подолго време. Сепак, не сум сигурен дека баш тоа ќе биде главната тема на кампањата за изборите.  Мислам дека имаме многу поважни предизвици и мислам дека овие прашања суштински ќе ги доминираат предизборните кампањи.

ПРЕС24: Ако се анализира оваа изјава од реална политичка призма во Македонија, таа веројатно е шок и за најтврдокорното гласачко тело на СДСМ? Реално тоа се гледа и од молкот на партијата, на останатите функционери?

АРСОВСКИ:  Дали е таа изјава шок за СДСМ, треба да одговори СДСМ.  Во јавноста е секако предмет на полемика, и јас претпоставувам дека била предмет и на внатрепартиски консултации пред да излезе во јавноста.  Не знам како на тој став на лидерот реагираат внатре во партијата, но не верувам дека ќе има некакви јавни несогласувања.  Сепак мислам дека партијата ќе застане зад ставот на нивниот лидер.

ПРЕС24: Знаејќи ја моќта на ВМРО ДПМНЕ како политички противник, но од друга страна и легитимноста на секоја политичка партија да ги бира средствата во една изборна кампања, може ли да констатираме дека оваа изјава на Заев е негово политичко самоубиство?

АРСОВСКИ:  Не сум сигурен во таа констатација. Реално, изјавата не е ништо друго освен повторување на обврски од Охридскиот рамковен договор, кој инаку е договор кој го има потпишано и ВМРО ДПМНЕ, така што можеби наместо да се прашуваме зошто СДСМ сака да ја исполни и последната обврска од тој договор, подобро е да се прашаме зошто ВМРО ДПМНЕ не сака да ја исполни?  Секако во овој контекст, мислам дека не може да стане збор за политичко самоубиство, но изјавата е ризичен потег.  Во најмала рака, таа ги намалува шансите на СДСМ за коалиција, дури и постизборна, со останатите десни партии.

ПРЕС24: Мислите ли дека изјавата е политичка дилетантност, или пак некој вид на нечие сценарио како што заговараат некои аналитичари? 

АРСОВСКИ:  Како што реков, изјавата мислам дека е дел на изборна стратегија, во која СДСМ се обидува да се доближи до поширок етнички спектар гласови.  Мислам дека во таа стратегија влегуваат и промените во нивното раководство, и мислам дека не постои сериозна опасност поради таа стратегија тие да изгубат многу гласови, но ќе им се намали коалицискиот потенцијал на македонската страна.

ПРЕС24: Заев вели дека очекува да освои повеќе албански гласови од албанските партии. Колку тоа може да биде реално?

АРСОВСКИ:  Во Македонија гласањето е се уште концентрирано во етнички табори, така што мислам дека ова е оптимистичка проценка. Мислам дека за концептот на целосно граѓански партии, без оглед на националноста, да заживее целосно, претходно е потребно да помине еден период на предизборни коалиции помеѓу албанските и македонските партии. Овој период кај нас се уште не е поминат, па така не сум сигурен дека може да се прескокне и директно да се оди на чисто граѓански партии.

ПРЕС24: Искуството покажува дека гласовите во Македонија во над 98% се делат по етничка припадност. Што е тоа што на Заев му дава надеж дека овој пат ситуацијата би била поинаква?

АРСОВСКИ:  Незадоволството на албанските гласови е она што поттикнува ваква стратегија кај СДСМ. Во албанскиот политички корпус, незадоволството од сите политички партии е понагласено, и голем дел од албанските гласови, особено интелектуалните, немаат доволно простор на таа сцена.  Мислам дека Заев ќе пледира на овие гласови.

ПРЕС24:  Поставувањето на новинарот Мухамед Зекири за член на високото партиско раководство исто така предизвика бура во јавноста. Веројатно Заев направил пресметан ризик, но според Вас што може СДСМ да добие, а што да изгуби со една ваква политика, која за воља на вистината не е позната досега на политичката сцена во Македонија?

АРСОВСКИ:  Заев не може многу да изгуби, но не може многу ни да добие.  Не може многу да изгуби затоа што оние гласачи кои досега останале со СДСМ претставуваат тврдо јадро, и ваквите потези немаат капацитет да ги оттргнат.  Истовремено, тој не може со ова ни многу да добие, можеби малку повеќе албански гласови одошто Стево Пендаровски, најмногу зашто едно поставување не значи автентична политика кон Албанците, за тоа се потребни многу посериозни напори, програма, платформа.

ПРЕС24: На СДСМ му претстои и уште една ситуација, а тоа е дефинирање на односите со Шарената револуција од една страна, но од друга редефинирање на позициите со досегашните коалициони партери ЛДП и пред се НСДП. Тито Петковски веќе се изјасни дека „Заев треба да биде галантен на сметка на СДСМ“ кога се во прашања мандатите на шарените револуционери?

АРСОВСКИ:  Заев секако има смисол да се обиде да направи широк опозициски фронт.  Ако таков фронт постоеше во 2011, со тие изборните резултати ВМРО ДПМНЕ сега ќе беше во опозиција.  Мислам дека тој на сметка на таа стратегија ќе мора да биде "галантен" со повеќе коалициски партнери, но дали тоа на крајот ќе му се исплати ќе видиме, тоа многу ќе зависи од изборните резултати.

ПРЕС24: Веќе се најавува и трет политички блок, некоја комбинација на доскорешни коалициони партнери на ВМРО ДПМНЕ и од друга страна опозиционери од типот на ВМРО Народна. Има ли шанса таков блок да се позиционира во борба за пратенички места? 

АРСОВСКИ:  Третиот политички блок мислам дека нема да помине добро на овие избори, особено овој.  Имам две причини за таквата констатација.  Прво, тој ќе се обиде да земе гласови од ВМРО ДПМНЕ, а во овие услови кога тие се борат за опстанок тоа ќе биде ѓаволски тешко.  Второ, мислам дека наредните избори ќе бидат црно бели, биполарни, и дека многу малку простор ќе остане за трети опции.

ПРЕС24: Очекувате ли реализација на договореното и изборите на 11 декември да се случат. Има ли нешто што и овој пат може да се појави како пречка. На пример прекројувањето на изборните единици поради бројот на гласови, Буџетот за следната година...?

АРСОВСКИ:  Имам впечаток дека сите политички фактори овојпат се доста посветени на изборниот датум, така што не очекувам одложување.  Евентуални фактори за таквото поместување можат да бидат изборните единици, евентуална одлука на Уставниот суд за СЈО, но веројатноста за такви потреси реално е мала.

ПРЕС24:  Изборите се наметнаа како крајно решение на политичката криза. Но, дали по 11 октомври може реално да се очекува политичка стабилизација?

АРСОВСКИ:  Со еден збор не.  Иако ќе има избори, причините за кризата не се зад нас. Изборите се нужен чекор во разрешувањето на кризата и во редестрибуцијата на политичкото влијание, најмногу за да отворат пат за разрешување на кризата, но не се решение сами по себе.  Мислам дека ќе ни следи подолгорочен мачен период во кој ќе се влечкаме со неопходните реформи.

 
 
19.09.2016 - 10:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега