СИТЕЛ: Македонија добива најмалку 400 милиони долари годишно од иселениците
Најмалку 400 милиони долари годишно влегуваат во земјава од иселениците во форма на дознаки. Овие пари се околу 4 отсто од БДП покажуваат резултатите од двегодишното истражување, за тоа колку овие средства се значајни за социјалниот развој на државите. Бројката е двојно повисока доколку се земе в предвид дека голем дел од сумите што ги праќаат иселениците стигнуваат во земјава по нелегален пат. Истражувањето покажува дека домаќинствата во просек добиваат по 2500 евра годишно, а овие износи значително влијаат на намалување на сиромаштијата.
Македонија според износот на средства што ги прима како дознаки е некаде на средно ниво. Најголем дел од нив доаѓаат од високоразвиените земји од ЕУ како и од САД и Австралија. Парите најмногу се трошат за храна и други основни потреби, а сосема малку за инвестирање. Од земјите во регионот Косово има највисоки суми. За пример во Србија, дознаките се 8,5 отсто од БДП, а намената на средствата е иста како и кај нас.
Една од водечките земји во светот со дознаки кои зафаќаат 30 отсто од БДП е Киргистан. Но, и оваа земја како што истакна претставникот од таму, сеуште нема стратегија за тоа како поефективно да ги искористи овие средства.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа