Вељаноски: Одиме кон ЕУ и НАТО како што не научи Илинден - цврсто гордо и одговорно

Сакаме да бидеме дел од Европската унија и НАТО и сите реформи и напори ги насочивме во тој правец. Но, и како народ знаеме уште нешто, а тоа е дека одиме натаму како што Илинден не научи да одиме, а тоа е цврсто, гордо, чесно и одговорно, истакна денеска во својот говор претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски, по повод одбележувањето на 110. годишнината на Илинден, пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методија Андонов Ченто во Скопје.   

- Отстапувањето пред предизвиците не е дел од нашиот ген. Не е во нашата крв која сите минати маки и потешкотии ја направиле дотолку посилна, дотолку поотпорна! Во историјата сме имале бројни непријатели, силни навидум непобедливи империи, но никогаш не сме отстапиле, никогаш не сме се поколебале.  Ние како народ точно знаеме каде одиме, кои вредности ги споделуваме и каде природно припаѓаме. Тоа многу пати сме го кажале и покажале и ако треба уште толку пати ќе повториме. Без самопочитта вредноста на секое остварување е значително намалена, рече Вељаноски. Ќе продолжиме, додаде, по правецот кој сме го зацртале, но без притоа да заборавиме дека Македонија е една и неделива. - Ние не сме без идентитет, семе без корен, куќа без темел, рече тој.

Чествувајќи го денешниот ден, како Ден на републиката, празник на нашата држава и борбата на нашиот народ, истакна Вељаноски, уште еднаш го исполнуваме аманетот оставен од нашите предци, од илинденците, од асномците, од сите родољубиви личности кои дадоа жртва во остварување на идејата за слободна Македонија. Славејќи ја нивната пожртвуваност за слободна и независна држава искажуваме благодарност за нивната непокорност и истрајност заради која денеска сме свои на своето.

- Илинден е темелот на нашата државност и самобитност! Илинден е гранитното сведоштво за влогот на генерациите пред нас! Илинден е мотив за акција! Илинден е посакуваната енергија! Овој ден е незапирливиот импулс кој Македонија ја водел и ќе ја води само напред кон нови победи, истакна Вељаноски.

Тој незапирлив импулс за победа на правдата го имале и илинденците во безусловната борба за слобода, но и славните партизани кои еднакво силно се посветија на идејата за независна македонска држава. Таквиот имплус, продолжи тој, го имавме и пред две децении кога се создаваше демократска Република Македонија, но го имаме и денес бидејќи предизвиците се се уште тука, а нашата посветеност во градењето на подобра иднина се уште се нашиот најголем императив.

- Да го сочуваме тоа што го имаме! Да го почитуваме тоа што како непроценливо наследство сме го затекнале. Безусловно да го уважуваме и да го негуваме споменот за славните илинденски епопеи. Конечно, мораме да го надоградиме сето тоа со своето дело и да го оставиме на поколенијата што гордо чекорат со нас, рече Вељаноски. 

Денес се соочуваме и со предизвици со кои се проблематизираат државните и националните обележја, традицијата, корените. Но, додаде, знам дека и оваа тешка и непринципиелна битка ќе ја добиеме. Денес, сите ние заедно, имаме голема задача да се избориме за подобар свет за нашите деца, внуци, за идните генерации Македонци, рече претседателот на Собранието. 

Вељаноски посочи дека маките, огромните жртви и гласните вековни извици за слобода на нашите славни предци довека не задолжија да ја чуваме слободата- Гоце, Јане, Даме, Питу, Ченто и многу други, а еден од нив е и Методија Андонов – Ченто. Судбината на Ченто, рече, му предодредува да биде борец за каузата наречена Македонија и да го носи тешкото бреме на татковината и меѓусебните македонски пресметки.

Знаејќи го огромното влијание кое илинденците го имале врз него, вели Вељаноски, не изненадува фактот што при формулацијата на Манифестот во 1944 година на негово инсистирање било запишано и објавено: „Тргнувајќи од вековните идеали на македонскиот народ, првото македонско народно собрание ја прокламира, пред целиот свет, својата праведна и неотстапна желба за обединување на целиот македонски народ. Со тоа ќе се стави крај на  ропството во сите делови на македонската земја и ќе се создадат услови за искрена солидарност и мир меѓу балканските народи“. Ченто, истакна Вељаноски, со својата борба и посветеност длабоко не потсетува дека основната наша водилка треба да е единството на сите граѓани кои Македонија ја нарекуваат свој дом, кои во оваа држава го живеат својот живот, го создаваат своето семејство и кои на идните генерации ќе им ја пренесат светата визија за внатрешно единство, за слога, почитување и разбирање во нашето мултиетничко општество. - Токму за овие идеали денес нашата борба продолжува, рече првиот парламентарец.

Вељаноски истакна дека продолжува битката за подобра иднина, за повеќе работни места и инвестиции, болници и училишта, за подобар стандард. Овие битки на свој начин се тешки, но, нагласи, ќе победиме, бидејќи се работи за Македонија, за нашите деца, баби и дедовци, мајки и татковци, за сите нас.

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ја предводеше собраниската делегација која положи цвеќе пред споменикот на Методија Андонов-Ченто, претседателот на Президиумот на АСНОМ, како и пред спомениците на Никола Карев пред Парламентот и на АСНОМ. Собраниски делегации денеска присуствуваат и на централно одбележување на Илинден во Крушево и во Меморијалниот центар во Пелинце. 

најчитано сега