ЕУ: Политичките сили да се фокусираат за кредибилност на изборниот процес
Европската унија и нејзините партнери со внимателност го следат развојот на настаните во Република Македонија и очекуваат од сите политички сили во земјата да се фокусираат во обезбедување на кредибилност на изборниот процес што треба да се случи на 11. декември, јави дописникот на МИА од Брисел.
Ова денеска во име на Еворпската комисија го пренесе портпаролката Маја Коцијанчич, изјавувајќи за МИА дека „Комисијата постојано истакнува дека сите потребни услови за веродостојни избори мора да се почитуваат во клучниот период до изборите“.
- Организацијата и одржувањето на такви кредибилни демократски избори се важни за земјата да напредува на евро-атлантскиот пат. Затоа, сите политички сили во земјата треба да се фокусираат на обезбедување кредибилност на изборниот процес, со спречување на заплашување на гласачите, со одвојување на државните и партиските активности, обезбедување на балансирано медиумско известување и со помош да се финализира Избирачкиот список, вели Коцијанчич.
Исто така, од канцеларијата на еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, дури денеска брифираа за синоќешниот состанок што австрискиот политичар во Брисел го имаше со македонскиот вицепремиер за евроинтеграции Арбр Адеми. Како што информираат од канцеларијата на Хан, тие двајцата разговарале за актуелната политичка состојба во Република Македонија, при што еврокомесарот ја потврдил важноста од целосно спроведување на договорот од Пржино, како и на Итните реформски приоритетишто ги одреди ЕК за Македонија.
На состанокот со вицепремиерот Адеми, според канцеларијата на еврокомесарот за преговори за проширување, Хан потсетил дека „Специјалниот обвинител, создаден од страна на Парламентот за заштита на правната одговорност за нелегалното прислушување и неговата содржина, е клучен елемент на договорот за Пржино, која едногласно беше договорено меѓу политичките лидери“.
- Комесарот Хан потсети дека Специјалното обвинителство мора да биде во состојба да ги извршува своите обврски целосно и самостојно, без какво било попречување. Тој исто така нагласи дека политичките сили во земјата треба да се фокусира на обезбедување кредибилност на изборниот процес, со спречување на заплашување на гласачите, одвојување на државните и партиските активности, обезбедување на балансирано медиумско известување и ажурирање на избирачкиот список, информираат од Еврокомисијата за средбата Хан - Адеми.
29.09.2016 - 13:42
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа