Министерство за култура: ЗАМП се служи со груби невистини и ја манипулира јавноста

 

Наводите изнесени денеска во дневниот печат како реакција на Здружението за заштита на авторските музички права „ЗАМП“ – Скопје, а по повод соопштението на Министерството за култура по одлуката на ЗАМП за забрана за емитување на музички дела по пат на радиодифузно емитување, се неточни и целосно невистинити и истите претставуваат грубо клеветење на Министерството за култура, реагираат од ресорното министерство.

ministerstvo za kultura

Неприфатливо е, стои во реакцијата, едно здружени како ЗАМП кое колективното управување го остварува долги години наназад, да покажува огромно непознавање на одредбите од Законот за авторското право и сродните права во однос на законските надлежности на Министерството за култура по овој Закон.

-Согласно член 140-а од Законот за авторското право и сродните права, согласност на  тарифите на организациите за колективно управување дава Владата на Република Македонија, по предлог на Комисијата за посредување во авторското право и сродните права. Министерството за култура нема надлежност и е целосно исклучено во постапката за донесување на Тарифите. За Министерството за култура несфатливо е едно здружение за колективно управување, во конкретниот случај ЗАМП, да се служи со груби невистини и да ја манипулира јавноста и авторите дека државен орган како што е Министерството за култура би можело на било кој начин да влијае врз одлуките на Владата на Република Македонија која претставува колективно тело и која  самостојно одлучува по прашања од својата надлежност, велат од Министерството за култура.

Исто така, се додава во реакцијата, за Министерството за култура несватливо е едно здружение за колективно управување односно ЗАМП да се служи со груби невистини, манипулации и клевети дека Министерството за култура би можело на било кој начин да ги поттикнува корисниците на музика кои имаат склучено договори со ЗАМП да се служат со невистини за ова здружение.

-Министерството за култура како и досега, така и во иднина ќе укажува на потребата проблемите во авторското право пред се да се решаваат на конструктивен начин и во взаемен дијалог  меѓу авторите и корисниците, а имајќи ја предвид неприкосновеноста на авторското право и сродните права. Во однос на законската основаност на одлуката за забрана за користење на дела од репертоарот на „ЗАМП’’, а во интерес на сите засегнати страни, Министерството за култура ќе постапи согласно својата законска надлежност, за што дополнително ќе ја информира јавноста.

 
 
04.10.2016 - 18:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега