Груевски: Доаѓаат нови инвестиции и нови работни места

 

За мене лично, кој од вас сум ја добил довербата за раководење со процесите во земјата, најголема победа претставува секое новоотворено работно место. Нема ништо подобро и нешто што повеќе прави среќен од насмевките и озареноста на лицата на луѓето кои ќе се вработат, од татковците и мајките кои со влезот на работа надминуваат еден сериозен предизвик и може послободно да се насочат кон развој на семејствата, нагласи премиерот Никола Груевски во обраќањето осврнувајќи се и на внатрешните прашања, посочувајќи оти   во неговиот политички ангажман, од самиот негов почеток и прв момент секогаш отворањето нови работни места тој го сметал за врвен приоритет.

- Додека функционирам во политиката тоа така ќе продолжи да биде и да остане како најбитна работа за мене. За таа цел, кај мене нема резерви, нема калкулации со ангажманот, напротив макотрпно, со целата моја енергија, и дење и ноќе, и дома и кога сум надвор, сум фокусиран на тоа, рече Груевски. Затоа, иако е напорно, признава тој, за мене не претставува проблем да поминувам стотици и илјадници километри за да лобирам за странски инвестиции, да презентирам дека Македонија заради реформите кои ги направивме е земја која нуди најниски трошоци за правење бизнис во Европа, дека Светската банка за 6 години од 94-то ја искачи на 23-то место во светот во однос на добрите услови за правење бизнис, само и само за да дојдат компаниите во Македонија и да инвестираат и да отворат работни места.

- И затоа како победа за народот ги чувствувам отворените работни места и оние работни места кои доправа ќе се отворат во двете фабрики на Џонсон Контрол и Џонсон Мети, во Дрексел Мајер, во Кромберт и Шуберт, во Текнохозе, Кемет Електроникс, Алајанс Уан, Стил кон, Агрокор, Суташ, Протек груп, Гришко, Ван Хул, Кемет Електроникс, Аустриан телеком,  и повеќе други, истакна премиерот и додаде дека ќе продолжи беспоштедно и без резерви.

- Колку и критики да трпам преку манипулациите кои ги прави опозицијата, на ова поле јас нема да се откажам. Колку и да ме исмеваат некогаш, затворени во сопствената суета и тесно партиски гнев. Затоа што знам дека  ако се бориш можеш да победиш или изгубиш, ако се откажеш можеш само да загубиш. Тоа е девизата, порача претседателот на Владата.

Тој ја повика опозицијата наместо да критикува и да смислува трикови за да напаѓа на ова поле и наместо да поддржува одвраќање на инвеститорите во Македонија, да проба и таа да придонесе во нови инвестиции, да лобира, да ја промовира Македонија, да ги промовира нашите поволности кои им ги нудиме на компаниите.

- Никој нема да им земе за зло и нема да изгубат поени. На странските компании не им е битно дека ние, а не опозицијата, ги донел тие реформи, битно им е дека условите се добри и опозицијата не губи ништо и ако помогне некој инвеститор да дојде во Македонија. Заедно да работиме на привлекување инвеститори, повика премиерот.

Потенцирајќи оти ќе продолжат со залагањата, токму заради реформите кои се прават во земјата и заради нашиот ангажман, Груевски информира дека во следниот период во оваа и следната година има најави на 15-ина големи компании за влез и инвестиции во Македонија од различни области, меѓу кои индустријата на автомобилските делови, информатичките технологии, земјоделството, преработката на земјоделските производи и храна, електроника, градежни материјали и други.

- Ќе работиме со сите сили овие најави, што веќе се прилично сигурни, да успеат да се реализираат и да се вработат што повеќе луѓе. Ние продолжуваме жестоко да се бориме за секое ново отворено работно место. Новите инвестиции ги решаваат проблемите на луѓето, носат подобра и посигурна иднина, дециден е премиерот Никола Груевски.

најчитано сега