Самарас очекува Обама да и ги прости долговите на Грција
- Во пресрет на посетата на грчкиот премиер Андонис Самарас на САД, и неговата одложувана и конечно договорена средба со американскиот претседател Барак Обама, како клучно барање на Грција почнува да се издвојува очекувањето на помош од Вашингтон за репрограмирање на отплатата на грчкиот долг.
Станува се појасно дека доколку посетата воопшто има позначајна надворешно-политичка агенда, тоа ќе биде околу прашањето на Кипар, за што САД проценуваат дека има поголеми шанси да се дојде до решение. Но, прашањето на долгот е клучно, а тука САД можат да влијаат врз „тројка“ меѓународни кредитори, преку нивното учество во Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
- САД треба да и помогнат на Грција да добие повеќе време да ги спроведе реформитњ. САД тоа можат да го сторат преку влијанието кое го имаат во ММФ. Но, дали ќе успеат во тоа, зависи најмногу од исходот на изборите во Германија и рамнотежата на силите што ќе се воспостави по нив, изјави Енди Земенидес, директор на Хеленскиот американски лидерски совет во изнтевју за Гласот на Америка на грчки јазик.
Но, оваа поддршка е под знак на прашалник. Грчките кругови во Вашингтон неодамна беа зафатени од паника, по најавата дека САД и латиноамериканските држави се дистанцирале од поддршката на Грција, по прашањето на исплатата на најновиот финансиски пакет со кој се полни дупката во грчкиот буџет.
По инсистирање на грчките медиуми, ММФ мораше да излезе со појаснување дека реакцијата била од Бразил, а не и од други американски земји, и пред се не од САД.
Претставникот на Бразил во ММФ, Пауло Ногуера Батиста дури беше повикан на консултации во Бразилија, поради тоа што на своја рака побарал Грција да добие подобри услови за санирање на нејзиниот долг. ММФ одобри 2,2 милијарди долари за Грција, како дел од заедничката помош која и ја пружа на Грција заедно со Европсата комисија и Европскат централна банка, а за возврат грчките власти се согласија да отпуштат 4.200 државни службеници.
Во меѓувреме САД, преку посетата на министерот за финансии Џек Лу на Грција, изразија поддршка за продолжувањето на грчките реформи кои подразбираат драстично кратење на јавната админстрација и отворање на економијата за повеќе приватна иницијатива.
Енди Земенидес, кој во САД ја претставува грчката имигрантска организација на Алекси Јанулијас, пропаднат банкар и личен пријател на претседателот Обама, смета дека во вториот мандат, Обама ќе биде поотворен во поддршката на Грција.
- Дел од грчката дијаспора е многу незадоволна од политиката на Обама кон Грција, пристапот кон Кипар и особено од неговиот срдечен однос кон (турскиот премиер Реџеп Тајип) Ердоган. Но, ситуацијата сега е сменета во однос на изборите, кога Обама мораше да избегне силно да ја поддржи Грција во јавните настапи, нагласува Земенидес.
Од друга страна, по изборите, кога веќе поддршката на грчката дијаспора во САД е дадена, потребата на Обама да ги исполнува барањата на грчките организации е далеку помала, освен ако тоа е поврзано со можноста да се постигне некој надворешно-политички успех. Тука на сцена влегува прашањето на Кипар. Во повеќе јавни настапи на американски дипломати, Кипар се издвојува како тема која може да биде отворена за време на посетата на Самарас, во обид во септември да почнат нови преговори со посредство на пратеникот на Обединетите нации, Австралиецот Александар Даунер.
Динамиката на овој спор е значително различна во однос на спорот за името, бидејќи во Кипар, Грција е повеќе заинтересирана за постигнување на договор што е можно поскоро. Новооткриените наоѓалишта на природен гас неколку стотици километри јужно од Кипар може да ги спаси банкротираните Грција и Кипар, но и да им ја зголеми геополитичката важност како снабдувачи на Европа со енергија. Сепак, искористувањето на овие ресурси е многу тешко без политички договор за поделениот остров и согласност на Турција.
Од друга страна, Грција нема сличен интерес да се ангажира за решавање на спорот за името. Поранешен висок американски дипломат, ангажиран на прашањето на приемот на Македонија во НАТО, во пресрет на посетата на Самарас кусо изјави дека Скопје не може да се надева на решение на спорот додека тој е премиер на Грција.
- Со овој човек на власт во Грција, тоа не е возможно, беше кусата изјава на овој дипломат.
Се очекува Самарас повторно да ги посети САД при крајот на септември, за време на Генералното собрание на Обединетите нации.
МИА