Уште три семејства се вратија згневени од Грција - еве кои се местата каде “хараат“ грчките насилници
Три семејства кои одлучиле својот одмор и празниците да ги поминат во соседна Грција повторно се соочија со оштетувања на возилата.
-Имено на 02.08.2013 година, на Граничниот премин „Богородица“, Ѓ.Х. кој патувал со патничко возило „Југо Корал“ со скопски регистерски ознаки, пријавил дека комплет табличките му биле украдени во туристичкото место Неа Пори. Оштетениот го пријавил случајот и во грчката полиција. Еден ден подоцна, на 03.08.2013 година на Граничниот премин „Стар Дојран“ се пријавени уште два случаи. Во првиот М.Д. кој патувал со патничко возило „Мерцедес“ со беровски регистерски ознаки, пријавил дека туристичкото место Полихроно, со спреј му била прекриена ознаката МК, но случајот не го пријавил и во грчката полиција. Во вториот случај, исто така на Граничниот премин „Стар Дојран“, Ж.К. кој патувал со возило „Фолксваген Пасат“ со струмички регистерски ознаки, пријавил дека во туристичкото место Лептокарија, му биле украдени комплет табличките, а кражбата ја пријавил и во грчката полиција, стои во соопштението на МВР.
Со овие новорегистрирани случаи, информираат од МВР, во изминатиот период од страна на нашата гранична полиција евидентирани се 32 одземања, односно кражби на регистарски таблички во кои во повеќето или во 23 случаи се украдени обете таблички. И натаму предничи туристичкото место Ханиоти каде што досега се евидентирани 13 кражби и Неа Пори (6). По однос на оштетените возила бројката на вакви настани сега нарасна на 7 случаи.
Од вкупниот број случаи - 24 се пријавени од страна македонски државјани и на грчката полиција, но досега МВР се уште нема добиено никаква информација од грчките колеги за случаите. Осумнаесет од македонските граѓани кои пријавиле кражба или оштетување се од Скопје, а останатите од други места во државава.