Циркуз на Јанева на судењето за Пуч

Тензично помина денешното рочиште за случајот „Пуч“ во кој како осомничени се јавуваат лидерот на СДСМ, Зоран Заев и поранешниот директор на некогашната ДБК, Зоран Верушевски.Судијката Љубинка Башевска го одложи рочиштето поради тоа што двајца нови поротници немале безбедносни сертификати, на што специјалната обвинителка Катица Јанева бурно реагираше велејќи дека рочиштето се одложува една година и дека судијката ја злоупотребува службената должност, пишува Телеграф.

- Како не ви е срам. Бидете еднаш во вашата кариера транспарентни. Цела година нè малтретирате. На што личи ова. Како не ви е срам? - повторуваше Јанева обраќајќи ѝ се на судијката со повишен тон.

Башевска ја опомена Јанева дека го нарушува мирот во судницата и дека може да биде казнета.

- Обвинителката Катица Јанева, без Судот да ѝ даде збор, продолжува да го нарушува редот во судницата. Обвинителката продолжува со навреди. На записник точно се опишани причините поради кои се одложува денешната расправа - рече Башевска.

По ова изреагира и Зоран Верушевски, велејќи дека „вака веќе не може“. По него збор побара и адвокатот Филип Медарски, кој ја праша Башевска дали за денешното рочиште бил повикан сведокот Никола Груевски, кој е предложен од страна на СЈО. На ова Башевска повторно ги опомена да го запазат редот во судницата и дека доколку не ја почитуваат опомената, ќе бидат казнети.

На обвинувањата од страна на Јанева дека Судот ја кочи постапката за „Пуч“, Башевска рече дека од девет закажани судења, шест биле одложени поради отсуство на некој од обвинетите, на што Јанева жестоко реагираше иако и самата бараше судењето да се одложува поради свадбата на нејзината ќерка и за да може да ги слави празниците.

- Погледнете ме в очи и кажете го тоа. Како не ви е срам. Не ја кажувате вистината - рече Јанева.

По ова, Башевска и останатите членови на Судскиот совет станаа, а во тој момент збор побара и Зоран Заев, но судиите ја напуштија судницата.

Судењето е одложено на неопределено време затоа што не се знае колку време ќе биде потребно поротниците да се стекнат со безбедносни сертификати.

Зоран Заев, по одложување на рочиштето, рече дека Судскиот совет не води правен, туку политички процес. 

- Јавноста беше сведок дека судството е клекнато на колена. Имаме комплетно уништено судство. Денеска претседателот на Судскиот совет и самиот Судски совет покажаа пред јавноста дека немаат намера да водат правен процес, туку водат политички процес - рече Заев.

Според него, случајот „Пуч“ е клучен за разрешување на политичката криза за да се утврди кој, како и зошто прислушувал во Македонија.

Освен Зоран Верушевски и Зоран Заев, како осомничени во „Пуч“ се јавуваат и сопругата на Верушевски, Соња Верушевска, службеник во Општина Струмица, Бранко Палифров и вработен во МВР, Ѓорѓи Лазаревски. Тие се товарат за неовластено прислушување, шпионажа и насилство кон претставници на највисоките државни органи. Шестообвинетиот за истите кривични дела, Звонко Костовски, во текот на истрагата ја призна вината и се спогоди со Обвинителство за тригодишна затворска казна.

 

 

 
 
01.11.2016 - 12:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега