Нова препорака за преговори со Македонија - услов договорот од Пржино и Итните реформски приоритети

 

Комесарот за преговори за проширување на Европската унија, Јоханес Хан, денеска во Европскиот парламент ги претстави прогрес-извештаите за земјите од процесот на проширување за 2016 година, при што во однос на Република Македонија, потврди дека Европската комисија издава нова, осма по ред препорака за отворање на преговорите за членство во ЕУ. Препораката, како што потврди и Хан, втора година по ред е условена, а овојпат со целосно исполнување на политичкиот договор од Пржино, преку спроведување на кредибилни избори на 11 декември, како и имплементација на Итните реформски приоритети од ЕК, јави дописникот на МИА од Брисел.

- Земјата се уште не е излезена од домашната политичка криза и покрај добрите чекори што неодамна беа превземени. Сега е можноста за лидерите во земјата да ја надминат кризата и да земат предвид одржување на кредибилни парламентарни избори и прогрес во имплементацијате на Итните реформски приоритети на Еворпската комисија. Како и Србија, земјата има активна улога во миграцискате криза и одлична соработка со соседните земји и земјите-членки на Еворпската унија за ова. Во тој поглед, Европската комисија продолжува да дава препорака, во поглед на отворање на преговорите за членство на земјата во ЕУ, но со услови како лани, а тоа е целосно имплементирање на договорот од Пржино и исполнување на Итните реформски приоритети, порача комесарот Хан.

Европратеникот од редовите на социјал-демократите, Кнут Фленкештајн, му посочи на Хан дека „мора да има поддршка на Специјалниот обвинител и затоа го поздравува барањето за продолжување на периодот на мандатот за обвиненија“.

- За Македонија, сакам да потцртам дека од изборите на 11 декември и од исполнување на договорот од Пржино зависи се, реагираше известувачот за македонската држава во ЕП, Иво Вајгл.        

Во однос на целиот пакет за проширување од Еврокомисијата, еврокомесарот за проширување посочи дека лани поставил среднорочна стратегија за мандатот на Јункерова комисија и дека политиката на проширување продолжува да испорачува резултати и дека тоа е најдобра алатка за модернизација на земјите од Источна Европа. Тој посочи дека Брисел креира стабилност, просперитет за себе и за своите партнери и додаде дека прашањето за проширувањето е јасно и кредибилно и дека тоа останува интерес на ЕУ.
 
- Во бројни земји, направени се важни чекори и реформите се движат со загрижувачка брзина, па многу земји имааат недостатоци. Ова е долгорочен процес и останува есенцијално за основните вредности да се стават на прво место. Земјите прават сериозни напори за модернизација на рамка и инфраструктура на судскиот систем. Потребни се допирливи докази за борба против криминални мрежи, треба резултати, а и мигрантската криза ги погоди земјите од проширувањето, посочи Хан.
 
Комесарот истакна и дека функционирањето на демократските институции се слаби во некои земји, дека парламентот треба да се разбере како демократско средство, а не како што посочи да има бојкоти.
- Политичката култура треба да се надмине во интерес на граѓаните, додаде Јоханес Хан во однос на ова прашање.
 
Комесарот истакна и дека економската состојба се подобри во земјите од процесот на проширување, но додаде и дека тие се соочуваат со структурни, економски и социјални предизвици, слабо административно менаџирање и невработеност кај младите. Тој рече и дека „владеењето на правото има слабости и влијае на инвестициската клима“.
 
Хан ги пофали и земјите од Западен Балкан и Турција за ефективното затворање на западно-балканската мигрантска рута, посочувајќи дека има големо намалување на приливот на мигранти  и дека ова лето само 18 илјади бегалци минале на овој пат.
 
- Оние што веруваат дека кризата е готова и дека можеме да се вратиме кон нормалноста, тој греши. ЕУ мора да продолжи со соработка со земјите преку овозможување на капацитети за прием и борба против трговијата со мигрантите. А, поврзаноста меѓу нив се шири, посебно преку Берлинскиот процес на шесте земји од Западен Балкан, кој носи плодови. Инфрастурктурата се подобрува, а годинешниот Самит во Париз донесе прогрес, не само во економски можности, туку и во подобрување на добрососедските односи и помош да се надминат билатерални судири, истакна комесарот Хан.
 
Во однос на извештаите за останатите земји од процесот на проширување, покрај Македонија, комесарот Хан потврди дека Албанија добива препорака од Еврокомисијата за отворање на преговорите за членство во ЕУ, условена со спроведување на кредибилен и допирлив прогрес во имплентација на судските реформи и преоценување на судиите и јавните обвинители.
 
За Турција, првиот човек за проширување на Унијата истакна дека има назадување во однос на владеењето на правото и основните права. Тој посочи дека затворањето на пратеници од опозицијата ја загрижува ЕУ и ја влошува ситуацијата во југоистокот на земјата, посебно размислувањето да се врати смртната казна.
 
- Време е Анкара да ни каже што сака. И покрај сериозните предизвици, ЕУ и Турција имаат длабоки односи во клучни области од заеднички интерес и прогрес на Турција во исполнување на бенчмарковите за овозможување на визна либерализација, истакна Хан.
 
Во однос на Црна Гора, Хан рече дека преговорите за членство продолжуваат и оцени дека неодамнешните избори во земјата минале во добар манир, додека за Србија истакна дека се отворени првите четири поглавја од преговорите, вклучително и она за владеењето на правото и нормализација на односите со Косово. За српскиот европски пат, тој посочи дека зависи од прогресот во овие две области.
 
За Босна и Херцеговина, Јоханес Хан е дециден дека има прогрес во клучни области, па во однос на барањето од Евросоветот за Еворпската комисија да даде мислење за апликацијата на БиХ за членство на земјата во ЕУ, дека тоа мора да биде одржливо, а структурните проблеми да се решат. Засилување на владеење на правото и јавната администрација и подобрување на соработката во земјата остануваат приоритет за босанско-херцеговските идни односи со Унијата.
 
Во однос на Косово, Хан рече дека за исполнување на визната либерализација, Приштина треба да ги надмине политиките на застој и да испорача реформи, посебно за владеење на правото и структурни економски реформи.
 
- Ова се најважни точки од извештајот од годинава и се што кажав покажува дека пристапните преговори се стратешки процес што носи конкренти резултати, економски и демократски реформи и дека се комплексен процес, но секое поглавје и бенчмарк ја трансформира земјата и ја засилува стабилноста во соседството. Партнерските земји се одговорни и тие треба да ги спроведат овие реформи како дел од политичката агенда и да превземат алатки за пристапниот процес да им биде достапен. Западниот Балкан е веќе енклава во ЕУ и затоа е во интерес на сите со вистински реформи и понатаму да го стабилизираме регионот. Сметам на ваша силна поддршка и посилни односи со земјите од процесот на проширување, истакна во своето излагање комесарот Јоханес Хан. 
 
Комесарот Хан, во ЕП потврди и дека следниот прогрес-извештај за земјите од процесот на проширувањето, меѓу кои и за Македонија, нема да биде објавен идната година, туку напролет во 2018 година. Според него, причината е што Брисел сака овие извештаи, како и останатите за многу други прашања и земји, да бидат сите заедно во пролет, а не диспропорционално, едни напролет, а други преку есента.
 
 
09.11.2016 - 12:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега