Петковски: Во Вардар ги учиме децата да го сакаат фудбалот
Едната екипа од Вардаровата генерација 2007 година ги има сите девет победи во Детската Лига. Станува збор за дечиња кои што го почнуваат фудбалскиот пат, а нивен „ментор“ е Зоран Петковски. Сепак и покрај тоа што бележат одлични резултати и двете екипи, победите не се приоритет, туку децата да се внесат во фудбалските вештини, со оглед дека токму тогаш тие го почнуваат својот фудбалски „пат“.
„До крајот на детската лига за едната генерација има уште две кола, а за другите уште четири меча до крајот. Ќе тренираме некаде до 25 декември, а потоа ќе имаат пауза за време на училишниот распуст. Јас сум задоволен од сегашниот тек на првенството. Исто така сум заоволен и од тоа како дечињата се однесуваат на тренинзите. Од нивниот пристап за време на тренажниот процес и за натпреварите сум презадоволен“, вели Петковски.
За условите за работа кои ги нуди фудбалската Академија на Вардар, Петковски има само пофални зборови.
„Веќе сум кажал, но ќе повторам. Условите се најдобри во Македонија, и тоа придонесува младите категории на Вардар да одат по вистинскиот пат. Ја имаме фудбалската Академија каде што можеме да работиме и да ги научиме овие деца за фудбалските вештини“, дополнува Петковски.
И покрај тоа што редат победи, за Петковски е многу поважно да се научат децата да го сакаат фудбалот и да доаѓаат со желба на тренинзите.
„Убаво е кога се победува, и децата сакаат да победуваат, меѓутоа наш прв приоритет е да ги научиме децата да го сакаат фудбалот и да ги научат основите работи во фудбалот барем за оваа генерација која ја водам. Победите ќе си дојдат сами, а најважно е кај нив да сакаат да доаѓаат на тренинзи, да ги сакаат тренинзите, да имаат желба да се занимаваат со фудбалот. Тие се деца кои сакаат да победуваат, но реков најважно е да ги научиме да го сакаат овој спорт“, заврши Петковски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа