Жбогар и Бејли: Фер и кредибилни избори без насилство

Очекуваме кредибилни и фер избори кои се многу значајни за земјата, изјави амбасадорот на Европската Унија Самоел Жбогар кој со амбасадорот на Велика Британија Чарл Гарет денеска беше во посета на Прилеп и имаше средби со градските власти на Прилеп, а ќе се сретне и со граѓаните.

Според Жбогар, посетата е во многу важен момент за земјата кога и официјално почнува изборната кампања.

- Доаѓаме во момент кој е битен за самата земја, кога и официјално почнува изборната кампања. Мислам дека во минантото не постоеле вакви избори, како што се овие сега кои се очекуваа толку долго време. Изборите претставуваат можност за земјата да ги стабилизира внатрешните односи и односите со Европската унија. Очекуваме добри избори и очекуваме новата влада која ќе произлезе да може сериозно да се ангажира во испорачување на сериозни реформи. Очекуваме дека веднаш по изборите ќе се креира внатрешен моментум, но и моментум со ЕУ за да може заедно да го креираме европскиот пат. Сите посети на амбасадорите на ЕУ се случуваат пред изборите за да укажеме на важноста на овие избори кои ги имаат за целата земја. Не очекуваме ништо помалку туку кредибилни и фер избори, изјави Жбогар.

Во меѓувреме, и американскиот амбасадор Џес Бејли преку Твитер порака повика на ненасилна кампања, а граѓаните да го искористат своето демократско право на глас. 

- Лидерите треба да спроведат кампања без заплашување и насилство и да не креваат политички и меѓуетнички тензии. Секој глас се смета. Ги повикуваме сите граѓани да го искористат нивното демократско право да гласаат и да ја определат иднината на својата земја, пишува Бејли на Твитер на првиот ден од почетокот на изборната кампања. 

 
 
21.11.2016 - 15:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега