ВМРО-ДПМНЕ ОК Прилеп: Младите се иднината на Македонија и остануваат приоритет во програмата „Реално“

 

Младите се иднината на Македонија, а водени од тоа во новата програма на ВМРО-ДПМНЕ „Реално“ се предвидени низа остварливи проекти кои што ќе придонесат за подобрување на животот на најмладите во Македонија.

Во програмата се ветува за вработување на 100-те најдобри студенти на додипломски студии.

-Стоте најдобри студенти кои ќе дипломираат на државите универзитети во Македонија ќе бидат вработени во јавната администрација и акционерски друштва. Ќе обезбедиме стипендии за средношколци кои ќе освојат награда на научна олимпијада. Продолжуваме со проектот Бесплатен железнички викенд за млади до 27 години секоја прва и трета недела во месецот, бесплатна обука за основни компјутерски вештини и странски јазици за млади до 29 години, велат од ВМРО-ДПМНЕ ОК Прилеп.

Во следниот период ќе продолжи реализацијата на проектот „Купи куќа за млади” кој ќе овозможи лицата до и со наполнети 35 години, да се стекнат со сопствен дом преку субвенционирање на отплатата на станбен кредит.

Предвидена е и мерка за вработување на студенти од државните и приватните универзитети на четири часовно работно време, без истите да го загубат статусот на редовен студент. Оваа мерка предвидува ослободување од плаќање задолжителни социјални придонеси и персонален данок на доход за компаниите кои ќе вработат студенти во период од 1 година.

Со програмата за самовработување со кредитирање на млади лица до 29 години што сакаат да се самовработат,ќе им се обезбеди можност на младите за подигање кредит во износ од 7.000 евра со грејс период од 18 месеци и период на враќање од 66 месеци. Оваа можност ќе може да ја искористи носителот на претпријатието, а за секој нов вработен ќе може да добие дополнителни 4.000 евра, до максимум 5 вработени.
Ќе продолжиме со создавање на поволни услови за инвестирање како на домашните, така и на странските компании со цел поголем број на вработувања на младите луѓе.
-Не се лажни ветувања како она на СДСМ со кое ветуваат 30 000 денари просечна плата и тоа токму тие кои на вработените во нивните приватни фирми им даваат минимална плата од 10 500 денари и тоа само благодарение на законот за минимална плата кој го донесе за прв пат Владата на ВМРО – ДПМНЕ! За реализација на реални проекти , Ве повикуваме да дадете поддршка на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата со заокружување на број 1 на гласачкото ливче и заедно да се избориме за Македонија која ќе оди напред, заклучуваат од ОК Прилеп.

 
 
03.12.2016 - 14:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега