Тодоров: Доаѓа денот во кој само македонските граѓани ќе одлучат за сопствената држава

 

Носителот на изборната листа од втората изборна единица од Коалицијата „За подобра Македонија“, Никола Тодоров заедно со кандидатите за пратеници од оваа изборна едница, вечерва на мини митинг во кумановското село Долно Којнаре, ги презентираа проектите од програмата „Реално“.

Тодоров во обраќањето им се заблагодари на македонските граѓани, за како што рече, нивната истрајност, бидејќи издржале две и пол години криза, деструкции, понижување на македонските институции, народ. Посочи дека доаѓа денот во кој само македонските граѓани ќе одлучат за сопствената држава.

- Доаѓа 11 декември. Тоа ќе биде празник во којшто македонскиот народ ќе покаже дека никој освен него и никој во негово име не може да одлучува и не може да ја крои судбината на Македонија, рече Тодоров.

Нагласи дека Коалицијата „За подобра Македонија“ се подготвувала за оваа кампања со програма, со проекти и конкретни рокови, со тоа кој и во кој рок ќе ги заврши тие проекти, кои се насочени кон подобрување на инфраструктурата, земјоделството, здравството, набавка на нови апарати, училишта, градинки...

- Внимателно ја креиравме програмата, добро обмислени проекти, кои ќе донесат подобрување на целата состојба во државата, рече Тодоров.

Посочи дека особено било важно креирањето на нови работни места и додаде дека се свесни оти невработеноста е еден од поголемите проблеми во Македонија. Нагласи дека тоа е проблем кој го наследиле од политичките претходници, СДСМ, за кои рече дека се истите луѓе кои сега се нудат како алтернатива. Потсети дека тие ја оставиле Македонија со 38,8 проценти невработеност.

Тодоров рече дека нивните политички опоненти ја темелат нивната програма на лажни ветувања. - Се обидуваат со ефтини трикови да го прелажат сопствениот народ, истакна Тодоров, додавајќи дека тоа не е чесно и не е патриотизам и начин на кој се сака својата земја и начин на кој се работи за својата земја.

- За својата земја треба да се работи посветено, искрено и чесно. За својата земја треба да се работи со многу знање, со многу самооткажување, со конкретни идеи и со визија за тоа како и во кој правец треба да се развива и економијата, но и сите други области на живеењето, потенцира Тодоров.

Нивната програма не нуди прогрес, ниту напредок, рече Тодоров и нагласи дека е препишана.

- Сакам да апелирам, секој од вас да размисли што добива на овие избори. Тоа е значајно, што ќе добие со програмата на ВМРО - ДПМНЕ, дали ќе се реконструира некој пат, повисока пензија од 10,25 проценти, зголемување на платите или нови апарти во здравството. И тоа е значајно, значајно е да се види што секој од граѓаните ќе добие, додаде Тодоров.

На мини митингот се обратија и кандидатите за пратеници, Зоран Ѓорѓиевски, Драган Петковски, Емилија Трајковска, Марио Цветковски кои посочија дека програмата опфаќа изградба на технолошко-индустриска развојна зона, реконструкција и изградба на градинки, локални патишта, реконструкции на училишта..

 
 
05.12.2016 - 20:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега