Милошоски: Поразениот на избори да му подаде рака на победникот и да му честита

 

Носителот на кандидатската листа за пратеници од владејачката ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 5 Антонио Милошоски во пресрет на претстојните предвремени парламентарни избори на 11 декември, од Битола изјави дека во недела очекува мирни и достоинствени избори после кои поразениот ќе му подаде рака на победникот и ќе му честита на цивилизиран начин.

-Издржавме две тешки години на наметната криза, криза што му пречеше на секој граѓанин, криза која ни забави две години од развојот и проектите што ги работевме, но ќе продолжиме да ги работиме. Народот е мудар, народот е свесен, народот е зрел и за разлика од другите наши политички опоненти, ние имаме едно правило – народот е секогаш во право. Колку повеќе ја негираш волјата на народот толку повеќе ќе бидеш принуден истата да ја признаеш и со неа се соочиш, рече Милошоски.

На средбата со битолчани, Милошоски посочи дека претстојните избори не се избори што ќе го определат животот и иднината на Македонија во следните четири години, туку дека на 11 декември ќе гласаме рече тој, и за тоа каква Македонија сакаме да имаме во следните 40 години, а ние сакаме една, унитарна, сплотена, напредна и развиена Република Македонија.

-Во следниот период имаме една единствена цел да отвориме нови 70.000 работни места, да ја намалиме невработеноста во државата, да изградиме автопати, училишта, болници, да создаваме перспектива за младите и затоа потребна ни е политичка стабилност, потребна ни е историска победа за стабилно Собрание и Влада, порача Милошоски.

 
 
09.12.2016 - 14:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега