Две третини од тутунот откупени, цената 193 денари

По просечна цена од 193 денари за килограм, досега се откупени околу 14.000 тони тутун или две третини од ланската реколта која тежи 20.000 тони.
Како што изјави претседателот на Сојузот на тутунските здруженија на Македонија Данчо Милески, родот е квалитетен, а од откупната кампања се задоволни и тутунарите и откупувачите. Ако температурите не бидат многу ниски и дозволат домашна манипулација, тутунот ќе се откупи во февруари, иако крајниот рок е 15 март.
- Нема оспорувања на процената, задоволни се и двете страни. Од околу 20.000 тони тутун останува да се откупат уште 3.500 до 4.000, главно во Пелагонискиот регион. Откупот привршува и во источна Македонија каде треба да се преземат уште 200 тони, рече Милески.
Годинава откуп вршат девет компании. - Тутунарите нудат квалитетен род кој реално се цени и затоа нема никакви недоразбирања со откупните претпријатија, истакна Милески, додавајќи дека пунктовите ќе бидат отворени до крајниот рок за откуп, 15 март.
20.01.2017 - 15:22
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа