Отчет на градоначалникот на Виница за сработеното

 

Градоначалникот на општина Виница Емил Дончев на денешната средба со новинарите направи отчет на сработеното во минатата 2016 година, како и во годините од неговиот втор мандат.

– Изградена е општинската индустриска зона во која целосно се решени водоводниот и канализацискиот систем, системот за одводнување на атмосферската вода, а е асфалтирана и улицата „Александар Македонски“ која води до зоната, истакна Дончев.

Во новата индустриска зона како странска инвестиција беше отворена текстилната фабрика „Текспорт“ како австриска инвестиција од 1,5 милиони евра. Во фабриката која вработува околу 200 луѓе се произведува висококвалитетна опрема за пожарникари која се извезува на странските пазари.

Во делот на образованието во ОУ „Гоце Делчев“ извршена е замена на старата дрвена столарија со нова шест коморна ПВЦ во вредност од 5,2 милиони денари, а во ОУ„Славчо Стојменски“ инсталирани се топловодни котли на пелети во соработка со општина Виница и Швајцарската агенција за развој и соработка преку Програмата за зачувување на природата во Македонија.

Во учебната 2015/2016 година, Виница доби уште еден нов професионален терен за љубителите и фановите на тенисот во кругот на ОУ „Гоце Делчев“, инвестиција на Агенцијата за млади и спорт со поддршка на Владата и локалната самоуправа, а е изградено и повеќенаменско изгралиште во село Истибање.

Во периодот од 2013 до 2016 година, истакна Дончев, во општина Виница се донесени урбанистички планови во вкупна површина од 609,75 хектари во повеќе делови на градот и населените места.

Во делот на екологијата, со средства од Швајцарската агенција за развој и соработка, а преку Програмата за зачувување на природата, стариот објект на детската градинка „Гоце Делчев“ доби нов надворешен лик со проектот „Имплементација на термоизолациска фасада“, кој го спроведе Здружението на жени земјоделки „Агро-Винка“. Со проектот се овозможи поставување на квалитетна изолација од пресуван стиропор и фасада која го освежи ликот на градинката, а се овозможи и поголема енергетска ефикасност на објектот. Вредноста на целиот проект е 649 илјади денари од Швајцарците и 150 илјади учество на градинката.

Градинката „Гоце Делчев“ од Виница продолжува со реализирање на проектите за енергетска ефикасност. Од минатата зима затоплувањето на старата градинка се врши со еколошки почист реагенс, дрвени пелети. За таа цел, стариот котел за затоплување на основа на нафта е заменет со два нови топловодни котли кои како суровина за согорување користат дрвени пелети. Двата котли се со моќност од по 250 киловати и се македонски производ набавени преку тендерска постапка од фирмата Еурометал 99 од Тетово. Вредноста на котлите е 12.500 евра, а средствата се од буџетот на градинката.

Согласно обврските од Програмата за управување со отпад од пакување која беше донесена на почетокот на 2014 година општина Виница преземаше повеќе чекори за примарна и секундарна селекција на отпадот. Прво на неколку пункта во градот беа поставени контејнери за пластика и кутии за хартија по училиштата и државните институции, а дополнително со донација од „Еко пак Хит“ беа поставени и садови за селекција на отпадна хартија за сите поголеми маркети во градот.

Во насока на соодветна селекција и одвојување на опасниот од комуналниот отпад, општина Виница и ЈКП „Солидарност“ потпишаа договор со колективниот откупувач на отпадни батерии и акумулатори „Нула отпад“ од Скопје со што општината доби соодветни садови за собирање отпадни батерии кои се поставени во училиштата и јавните институции.

Општина Виница е една од првите општини во државата која работи на реализација на програма за примарна селекција на отпад . За таа цел, уште во 2013 година беа поставени повеќе хартиени контењери во државните институции, како и железни контењери за пластика во градот со цел граѓаните да почнат да стекнуваат навика за одвојување на отпадот и негова примарна селекција. Покрај тоа, се спроведоа и неколку акции за собирање пластика, а во училиштата континуирано течат едукативни активности за управување со отпадот.

Во делот на комуналната инграструктура, истакна Дончев, постигнати се забележителни резултати. – По завршувањето на улицата „2008“, струмичката фирма „Изградба“ продолжи со реализација на вториот проект на општина Виница, изградба на атмосферската мрежа на улиците „Браќа Миладинови“ и „Илинденска“ во должина од 1.200 метри. Зафатот започна од коритото на Градечка Река каде треба да се излеваат водите кои при поројни дождови ги полнат овие две улици, рече Дончев. Атмосферската канализација на овие две улици, додаде, заедно со атмосферската мрежа на улицата „2008“ во должина од 460 метри и нејзиното комплетно инфраструктурно уредување, општината ја чинеа 37 милиони денари, средства кои се обезбедени со кредит.

Стариот, руиниран мост кај село Лаки кој поврзува дел од селото со регионалниот пат Виница-Берово е комплетно обновен во 2013 година Вредноста на оваа инвестиција е 317.150 денари, средства кои општина Виница ги обезбеди преку Програмата за рурален развој од Агенцијата за финансиска подршка на земјоделството.

Општина Виница презеде мерки за санација на мостот на Градечка Река на излезот од градот кон село Градец, мост кој е алка за сообраќајна комуникацијана дваесетина фамилии населени покрај реката. Мостот е со должина од 12 метри и ширина од 3 метри. Средствата во висина од 99.120 денари се обезбедени од општинската каса.

Дончев нагласи дека решавањето на инфраструктурните проблеми е приоритет не само за жителите на село Лески, туку и за локалната самоуправа која континуирано работи на решавање на проблемите согласно потребите на жителите.

– Поставена е нова канализациска мрежа на потегот од селската црква до излезот на селото во должина од 1.200 метри со цевки сопречник од 250 милиметри. Средствата за овој зафат во висина од 2,2 милиони денари се обезбедени преку Министерството за животна средина и просторно планирање, рече Дончев.

Во рамките на проектот за реконструкција на старата водоводна линија кој општина Виница го реализираше со средства од Светска банка, посочи, од планираните 3.935 метри водоводна мрежа, 50 отсто се завршени, т.е реконструирана е водоводна линија во должина од 2.020 метри.

– Општина Виница во изминативе осум години е активен и најголем поддржувач на Меѓународниот фолклорен фестивал „Истибањско здравоживо“, Фестивал кој годинава се оддржа по 31-ви пат. Фестивалот анимира фолклористи од цел свет и е ретка можност на едно место да се чујат и видат традициите, фолклорот, народната песна, игра од различни страни на светот, потенцира Дончев.

Фестивалот за хумор и сатира, пак, „Ин Виница веритас“ или во превод – Во Виница е вистината, силно се има етаблирано на европската карта на фестивали кои го негуваат овој специфичен жанр кој пак привлекува илјадници граѓани-проследувачи жедни за убави доживувања.

– Нема континент кој со свој автор не е присутен на Ин Виница веритас. Тој факт говори дека оваа недела нашата Виница и нашиот фестивал го обединуваат светот во најважната негова област – културата, или поточно во карикатурата, хуморот и сатирата. Доказ за популарноста, магичната привлечност на Ин Виница веритас и на самата наша Виница е фактот дека на оваа сцена сите македонски, но и многу странски театри сакаат да ја прикажат својата вештина во создавањето уметност. Уметност која ќе не разгали, ќе не насмее, ќе не расположи, ќе ни даде нова, дополнителна доза на позитивна енергија, посочи Дончев.

Музејот „Теракота“, додаде, во изминатите неколку години врши континуирани истражувања на локалитетот „Коколов Рид“ кои ја отворија и новата музејска поставка во која се изложени артефакти пронајдени на овој локалитет.

На денешната прес конференција градоначалникот Дончев зборуваше и за мегународната соработка на општина Виница со градови од неколку балкански држави.

 
 
02.02.2017 - 11:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега