ОМД бара разрешување на Рорабакер по изјавата дека Македонија не е држава
Обединетата македонска дијаспора смета дека со крајно неодговорниот напад против Република Македонија и повикот за нејзина поделба конгресменот Дана Рорабакер, републикански претставник од Калифорнија, уште еднаш се посрамотил сам себе, неговите гласачи и партија и го повикува претседателот на Конгресот, Пол Рајан и лидерот на мнозинството во Конгресот, Кевин Мекарти итно да го отповикаат од функцијата претседател на Поткомитет во Конгресот.
Го повикуваат претседателот Доналд Трамп да упати критика кон Рорабакер за неговите коментари, а американците со македонско потекло да ги контактираат нивните претставници и национални лидери со барање на одговорност за конгресменот.
- Членовите на Конгресот не би требало да бидат иницијатори на конфликти на Балканот. Тие не би смееле да се поистоветуваат со етно-националните агенди застапувани од страна на одредени балкански политичари. Македонија е суверена држава со постојани меѓународно признати обележани граници со сите свои соседи. Како таква, Македонија не припаѓа на Албанија, Бугарија, Косово, Грција, Србија или која било друга нација - држава, се вели во реакцијата од ОМД.
Оттаму сметаат дека повикот на постојниот претседател на Подкомитетот за Европа, Евроазија и потенцијални закани за поделба на верен сојузник на САД е истовремено смешен и крајно опасен.
- Македонија работи напорно да ги преброди долготрајните дестабилизирачки ефекти од насилната агресија во 2001 година од страна на терористи од албанска национална припадност. Напредокот кон стабилност во регионот е секогаш заснован на меѓународна гаранција за непроменливост на државните граници. Со ваквата директна изјава на високо позициониран претставник од Републиканската партија за уништување на Македонија истовремено сериозно се поткопува политиката на САД во Југоисточна Европа и позициите на претседателот Доналд Трамп, велат од ОМД.
Додаваат дека новиот претседател бил избран врз основа на ветувањето за нова ера врз принципот заснован на намалено ниво на интервенција, заедно со борбата против радикалниот исламски тероризам и почитување на националните суверенитети.
- Наместо тоа, Рорабакер се залага за остварување на замислите на терористите од 2001 година и значаен сојузник на САД во регионот ќе биде распарчен. Оваа позиција не е само длабоко неетичка туку и драматично спротивна на националните интереси на САД, посочуваат од ОМД.
Во интервјуто за "ТВ Висион Плус" од Албанија, Рорабакер рече "со жалење изјавувам дека (Македонија) не е држава... Косоварите и Албанците од Македонија треба да станат дел од Косово. Другиот дел од Македонија треба да стане дел од Бугарија или било која друга држава на која сметаат дека и припаѓаат. Идејата дека треба да ја одржуваме Македонија во живот бидејќи некој пред 30 години одлучил вака како најдобро решение по распадот на Југославија не е доволно оправдание дека оваа идеа треба уште да постои."
Според ОМД, во 2011 година, Рорабакер го предупредил светот за таканаречената "опасност" од спроведување попис во Македонија. -Конгресменот има долгогодишни конекции со Ослободителната Армија на Косово (УЧК), терористичка организација поврзана со воени злосторства, трговија со луѓе со цел проституција, нелегалната продажба на хероин и други наркотици и трговија со човечки органи. Албанско-американската граѓанска лига (ААГЛ) - влијателен американски лобист за УЧК, го имаа Рорабакер за "почесен гостин" на добротворен настан во 2001 година. Рорабакер отворено повика САД да ја вооружат УЧК, и покрај постојаните извештаи за масакрите врз невини цивили од страна на УЧК, се вели во соопштението од ОМД.
08.02.2017 - 09:26
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа