МОН: Почнати се активностите за нов објект за ПОУ „Св. Климент Охридски“ во Визбегово
Изградбата на нов објект за потребите на подрачното основно училиште „Св. Климент Охридски“ во населбата Визбегово е предвидена во планот за јавни набавки на Министерството за образование и наука за 2017 година, соопшти МОН реагирајќи на прес-конференцијата на Николина Нолевска, советник од СДСМ во Советот на општина Бутел, која денеска обвини дека не е реалиизрано ветувањето за нова училишна зграда.
МОН смета дека изјавата на советничката од СДСМ е обид за печалење ситни политички поени и дека Нолевска во однос на ова прашање треба да биде подобро информирана.
Министерството соопшти дека веќе се почнати активностите, изготвен е основен проект за новиот објект, а на 31 јануари 2017 била објавена и јавна постапка за избор на компанија за надзор на градежни активности која, посочува МОН, секој може да ја види на системот на Бирото за јавни набавки. Јавното отворање на понудите ќе биде на 13 февруари 2017.
– Во многу скоро време, практично по добивањето позитивно мислење од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, ќе биде објавена и постапката за избор на компанија која ќе го изгради овој објект, наведува МОН.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа