Ахмети: Не потпишувам без писмена понуда од СДСМ
На земјата и треба решение, но не какво било, туку кое ќе произведе стабилност, ќе го зајакне мирот, меѓуетничките односи и решение кое нуди сигурни гаранции за соодветни реформи во земјава, и дека ќе функционира владеењето на правото.
Ова, како што изјави лидерот на ДУИ Али Ахмети по средбата вечерва со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, биле принципите врз оносва на кои двајцата размениле, вели, идентични ставови.
Тој истакна дека на средбата која ја оцени за многу значајна и содржајна, го информирал Хан за сите пет опции кои ги разгледува партијата во контекст на излезот од кризата.
На новинарско прашање тој истакна дека партијата има разговарано за коалициски договор за влада и со ВМРО-ДПМНЕ, а разговараат и со СДСМ. – ДУИ не е партија која работи зад грб, туку разговараме и разменуиваме мислења со сите, рече Ахмети.
За постигнување каков било договор со СДСМ рече очекува писмена понуда, по што ќе свика седница на претседателството, која вели ќе биде подолга поради важноста на одлуката што треба да се донесе за земјата.
- Сакаме материјали на писмено. Без тоа нема потписи од ДУИ. Прво треба да видиме што пишува на тој лист, а потоа ќе се одлучи од страна на органите на ДУИ, рече Ахмети.
Рокови за разговорите, рече, нема.
- Во Белгија консултациите траеја две години. Ние не сме Белгија и не велам дека ќе траат со години, не е ситуација која треба да биде без решение, но решението треба да биде вистинско. Со донесување избрзана одлука не би и направиле услуга на Македонија. Секоја одлука треба да се анализаира оти е од огромно значење за земјата, рече Ахмети.
Во однос на платформата на албанските парламентарни партии нагласи дека постои потреба за нејзино разјаснување и оти не станува збор за платформа, туку за заедничка изјава. Осврнувајќи се на детали околу нејзиното усвојување рече дека објавената декларација содржи делови, а мандатот во врска со преговори за новата влада од име на албанските парламентарни партии го има ДУИ. Било понудено и на Мендух Тачи за ДПА да се приклучи на изјавата, но тој одбил. Според него, нема простор за загриженост од платформата бидејќи таа не содржи план за, вели, „Голема Албанија“ или „етничка Албанија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа