Иванов на работен ручек со амбасадорите од Вишеградската група: Што поскоро формирање Влада
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го приреди традиционалниот работен ручек со амбасадорите на земјите – членки на Вишеградската група, акредитирани во Република Македонија.
На средбата присуствуваа амбасадорот на Република Полска, Н.Е. Јацек Мултановски, амбасадорот на Чешката Република, Н.E. Мирослав Рамеш,амбасадорот на Словачката Република, Н.Е. д-р Мартин Безак и амбасадорот на Унгарија, Н.Е. Ласло Иштван Дукс.
Соговорниците разменија мислења околу можностите за продлабочување на меѓусебната соработка, за актуелната политичка состојба во Република Македонија, за процесот на интеграција во ЕУ и НАТО, како и за предизвиците со кои се соочува Европската Унија и Европа и позициите на земјите од Вишеградската група во однос на клучните предизвици.
Во однос на политичката состојба, на средбата беше истакнато дека од клучно значење за Република Македонија е надминувањето на политичката криза и што поскоро формирање на Влада која ќе биде посветена на европската агенда и економски развој и која ќе има капацитет да се справува со предизвиците од мигрантската и безбедносната криза. Амбасадорите се согласија дека е неопходен исчекор на земјата во однос на европските и евроатланските интеграции.
Претседателот Иванов ја поздрави континуираната поддршка од Вишеградската група за одржување на динамиката на процесот на проширување на ЕУ и силната поддршка за што поскоро започнување на преговорите за членство на Република Македонија.
Македонскиот претседател се заблагодари за личниот ангажман и посветеноста на амбасадорите во унапредување на односите со Република Македонија, како и за доследната помош од овие земји во справување со мигрантската криза.
Амбасадорите ги реафирмираа заложбите за продолжување на меѓусебната соработка во справување со мигрантската криза и со безбедносните предизвици на земјите од Централна и Источна Европа.
На средбата беше разговарано и за претстојните активности и планови за размена на посети на највисоко ниво меѓу Република Македонија и земјите од Вишеградската група.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа