ДУИ: СДСМ ни достави писмен документ за албанскиот јазик
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ги добил писмените материјали што јавно ги побара од лидерот на СДСМ, Зоран Заев, потврдиле за „Дневник“ од СДСМ, но не се откриваат детали дали понудениот пишан документ за заедничка владина платформа ги задоволува барањата на интегративците
Од ДУИ потврдиле само дека добиле предлог за албанскиот јазик, но не одговараат дали социјалдемократите им доставиле предлози и за другите барања од нивната и од платформата на албанските партии потпишана во Тирана.
Откако Ахмети јавно порача дека Заев нема да добие пратенички потписи за мандат без договор за влада, од СДСМ истакнуваат дека документот е на маса пред Ахмети, но и оти очекуваат највисокиот партиски орган на ДУИ сепак првин да решава за потписите за мандатар
- Еден е материјалот за преговори за состав на влада и доставен е до ДУИ. Се разговара за нашите и за нивните програмски определби и дали може двете програми да се усогласат на ниво на владина програма. Не би го прогнозирале рокот за евентуален договор. Но, очекуваме ДУИ што поскоро да се изјасни бидејќи, освен со ДУИ, потребни се усогласувања уште со две партии - вели висок функционер на СДСМ за Дневник
Весникот пишува дека социјалдемократите не прецизираат дали и на кое ниво имаат средби со Беса и со „Алијансата за Албанците“, само велат дека се во постојана комуникација.
Ни од ДУИ не откриваат детали како се одвиваат преговорите со тимот на СДСМ.
- Преговараме, се уште нема краен резултат за да потврдиме дали е можен договор за влада или не. Преговорите со СДСМ се за истите наши барања и ни помалку ни повеќе како што беа и во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ. На маса се официјализирањето на албанскиот јазик, продолжување на мандатот на СЈО, ЕУ и НАТО - вели висок функционер од ДУИ.
Поради различните брифинзи од СДСМ и од ДУИ за тоа што е на маса и за што се преговара, нејасно е дали Заев му испратил на Ахмети еден вид гаранција со приоритети на новата влада или како што претходно побара и очекува лидерот на ДУИ - априори согласност на СДСМ за албанската и за изборната платформа на ДУИ.
Шефот на кабинетот на Ахмети, Артан Груби, веќе појасни дека материјалите што ги бара ДУИ од СДСМ се однесуваат на хармонизација на политичките ставови за извештајот на Прибе, СЈО, Охридскиот договор, албанскиот јазик и многу други прашања што ќе треба новата влада да ги застапува во наредниот период. ДУИ ќе инсистира и на хармонизација на платформите на двете партии, поделбата на ресорите, како и роковник за договореното да се спроведе. Извори од ДУИ за Дневник истакнуваат дека се што е во партиската и во албанската платформа ќе биде тема на преговори, како што се промена на државните симболи, економската еднаквост, усвојување на резолуција во Собранието со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот 1912-1956, формирање министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, вклучување на Албанците во работните групи за директни преговори со Грција и со Бугарија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа