Тензично во ДУИ: Бејта, Арифи и Меџити да си се вратат во своите канцеларии

Отворен фронт на јавна сцена се води меѓу функционерите на ДУИ поделени во два табора, во зависност дали се за влада со ВМРО-ДПМНЕ или со СДСМ. Ова навестува уште една жестока дебата на Централното претседателство на кое интегративците ќе треба да одлучат дали пакетот за влада понуден од лидерот на СДСМ Зоран Заев е прифатлив.
Функционерите веќе не се ни трудат да ја скријат длабоката поделба во партијата, меѓусебно се обвинуваат и ако таа не е однапред договорено сценарио за избори, можен е целосен распад на ДУИ.

И додека потпретседателската тројка Теута Арифи, Невзат Бејта и Изет Меџити јавно навива за влада со СДСМ, другото крило блиско до лидерот Али Ахмети преферира влада со ВМРО-ДПМНЕ. Незадоволството во партијата расте откако преговарачката тројка на ДУИ со СДСМ договорила пакет за влада без целосно официјализирање на албанскиот јазик на целата територија.

Пратеникот и носител на листата на Втората изборна единица Ејуп Алими по средбата на потпретседателската тројка со претставниците на Движењето за реформи на ДПА, преку „Фејсбук“ им порача на Арифи, Бејта и Меџити да се вратат во градоначалничките канцеларии наместо да шетаат по партиски штабови ако во преговорите со СДСМ не успеале да обезбедат целосна еднаквост на Албанците.

 

- Без целосна еднаквост, консензуално одлучување на двата мнозински ентитета во државава не може да има влада ниту со ВМРО-ДПМНЕ ниту со СДСМ. Може да се повтори белгиското сценарио и земјата да нема влада две или три години. Градоначалниците треба да се вратaт во своите канцеларии и да го работат она за што се избрани.“ – напиша Алими на Facebook.

 

 

 

16.02.2017 - 10:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега