Иванов направи конфузија во ДУИ: Груби се заканува - Ахмети повикува на смиреност
Груби се заканува, Ахмети повикува на смиреност. Вистинска конфузија во јавните настапи на функционерите на ДУИ по одлуката на Иванов да не му го додели мандатот на Заев и со тоа да се стави рампа на патот до реализација на тиранската платформа.
По одлуката вчера, Груби на социјалните мрежи им порача на Македонците дека „играат опасна игра“
„Заедничката изјава на албанските политички партии во Македонија е изјава напишана во Скопје, од страна на албанските партии во Македонија и е изјава за една европска Македонија. Одделните точки од заедничката изјава на албанските политички партии извираат од нашите изборните програми, и на ниту еден начин не задираат врз унитарниот карактер на државата, не предвидуваат на никаков начин федерализација, ниту кантонизација, ниту пак поделба на земјата.
Ги повикувам македонските медиуми и политички партии, нивните меѓупартиски судири да не ги прават на етничка основа, а уште помалку користејќи одвоени делови од нашите изјави, ставајќи ги во хистеричен контекст на нивните концептуални судири бидејќи, прво, не е во полза на вистината, и второ е една опасна игра“ - напиша Груби на Facebook.
Утрово со поблаг тон се јави Ахмети, исто така преку социјалните мрежи.
“Уште пред изборите минатата година, ги поканив албанските опозициски партии да се соединат со цел да не изгубат Албанците од големата поделба на гласовите. Ова не се случи и Албанците изгубија 9 мандати на пратеници во Собранието на РМ.
Потоа, како победник на изборите и како лидер на најголемата албанска партија, ги поканив албанските парламентарни партии на заеднички состанок во Скопје за координирање на нашата агенда за заокружување на Охридскиот Договор и постигнување на еднаквоста.
На оваа средба во Скопје, ги усогласивме ставовите во врска со очекувањата на Албанците и во секоја јавна изјава сум истакнал дека Заедничката изјава на албанските парламентарни партии во Македонија е усогласена и напишана во Скопје и е врз основа на изборните програми на сите албански кандидати на изборите на 11 декември.
Ова изјава на ниту еден начин или форма не ја нарушува државата, унитарниот карактер ниту пак станува збор за федерализација или поделба.
Албанските партии не беа причина за системската криза во земјата и имајќи во предвид ова, ги повикувам албанските политички партии да се воздржат од претворање на системска и внатре-етничка криза во етнички судири меѓу двете најголеми етнички заедници на оваа земја.
Исто така, ги повикувам македонските партии да се воздржат во нивното изразување на незадоволство од импликација на етничкиот елемент поради чувствителноста на нашето општество.
Вас почитувани граѓани, ве повикувам да ја зачувате ладнокрвноста и да не дозволиме никој од нас да падне жртва на злонамерни сценарија кои потекнуваат од сомнителни адреси.
Ова е еден политички проблем и политичките партии како и институциите во земјата ќе го најдат најдоброто решение за граѓаните, но во меѓувреме, да веруваме на вистината а не на лагите.“ - напиша Ахмети на Facebook
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа