Кавадарчани порачаа: Неприфатливо е што Заев и понатаму ја промовира платформата на Рама

Граѓанската иницијатива за заедничка Македонија вечерва одржа протестен марш во Кавадарци. Пред присутните на градскиот плоштад говореше актерот Диме Коцевски.

– Граѓанската иницијатива за заедничка Македонија изразува огромно разочарување од лидерот на СДСМ Зоран Заев поради неотфрлањето на Тиранската платформа чија цел е редефинирање на граѓанска Македонија, рече тој во своето обраќање.

Неприфатливо е, додаде тој, “што лидерот на најголемата опозициска партија Зоран Заев и понатаму ја промовира платформата на Рама, со која се бара воведување двојазичност на територијата на Република Македонија, се разговара за промена на знаме, химна, грб, воведување на двојазични банкноти и униформи на армијата и полицијата, како и декларација за осуда на геноцид на партизаните кои ја изградија Асномска Македонија, нашите соседи Србите, Бугарите, воведување на казни за непримена на албанскиот јазик и ред други противуставни елементи кои водат кон разградување на граѓанското ткиво на Република Македонија”.

– Прашањата кои се државно и национално одбележје не смеат да бидат предмет на пазарање, манипулирање ниту на различни толкувања, туку за сите овие прашања потребно е да одлучуваат граѓаните. На крај апелираме дека нема да подлегнеме на ниту една манипулација или обид на мала врата да се протнат работите кои албанските партии ги договорија во Тирана, а Зоран Заев ги прифати, нагласи тој.

Нема да помине, рече, ниту еден обид за измама на македонските граѓани.

-Да градиме мултиетничка, а не бинационална држава. Бараме јасно и недвосмислено целосно отфрлање на платформата направена во Тирана. Граѓанската иницијатива За заедничка Македонија продолжува со народните протести се до целосно исполнување на нашите барања, нагласи Коцевски.

 

 

 

14.03.2017 - 19:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега