МЗШВ: Исплатата на субвенците ќе продолжи деновиве

За директните субвенции во 2017 година Владата има обезбедено 100 милиони евра. Но, поради различното толкување на Изборниот законик по последните парламентарни избори дојде до пречки во нивното исплаќање. По вчерашното добивање позитивно мислење од Антикорупциската комисија, исплатата на субвенциите ќе продолжи деновиве, односно по завршувањето на формалностите околу стапувањето на должност на новоназначениот директор на платежната Агенција.

Тоа го наведува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) во реакција на денешната изјава на членот на Извршниот одбор на СДСМ, Љупчо Николовски околу исплаќањето на субвенциите за земјоделците. 

МЗШВ истакнува дека ги почитува законските одредби со кои минатата година на три пати беше запрено исплаќањето на субвенциите поради претходно закажаните парламентарни избори. Ресорното Министерство посочува и дека поради штетите во земјоделството предизвикани од пролетните временски непогоди, пријавувањето на субвенциите за 2016 година беше продолжено за еден месец и траеше до 30-ти јуни, по што следеа административни и теренски контроли. Потсетуваат дека земјоделските субвенциите се исплаќаат за производствената година и појаснуваат дека  субвенциите за 2016 година треба да се исплатат најдоцна до 30 јуни годинава. Наведуваат пример за тутунот, чие производство беше лани, а откупот траеше до денеска, по што на тутунарите за реколта 2016 автоматски ќе им бидат исплатени 25 милиони евра од Програмата за 2017 година.

МЗШВ нагласува и дека минатата година на земјоделците им биле исплатени пет милијарди и 500 милиони денари или 98 проценти од обезбедените пет милијарди и 613 милиони денари со програмата за финансиска поддршка на земјоделството за 2016 година.

 

 

 

15.03.2017 - 17:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега